24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Интегрално обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната надзорна расправа на тема „Примената на законските одредби на Законот за неевидентиран

Интегрално обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната надзорна расправа на тема „Примената на законските одредби на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени“

Најнапред да ве поздравам и вас и оваа надзорна расправа на тема „Примената на законските одредби на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени“, кој во моментот кога беше донесен (февруари 2020) на предлог на МТСП, понуди можности за решавање на проблемите со кои се соочуваа лицата кои се неевидентирани во матичната книга на родени преку евидентирање во посебна матична книга на родени. Со тоа овој закон овозможи рамка со која им се овозможува на овие лица добивање на Извод од посебната матична книга на родени и Идентификациона исправа, што е за нив посебно битно за да можат да си ги остварат правата на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување согласно со закон, до дополнителен упис во Матичната книга на родените и добивање на прв Извод од Матичната книга на родени, согласно закон.

Значајно е да се напомене дека лице неевидентирано во матичната книга на родените е лице кое живее или е родено на територија на Република Северна Македонија, но не е запишано во матичната книга на родени и нема својство на странец со регулиран престој. Токму поради тоа, не му се определува матичен број, а наместо тоа му се определува евиденционен број и за овие лица МВР издава идентификациона исправа, која овозможува тие да не бидат општествено исклучени, односно да имаат пристап до јавни услуги од образовната, здравствената, социјалната, трудовата и други области и не можеа да ги остварат нивните права на образование, здравствена и социјална заштита, вработување и други човекови права.

Притоа, одредбите од членот 10 од законот ги пропишаа обврските на МВР како институција.

Имено, Министерството за внатрешни работи постапува врз основа на барање на лицето запишано во Посебната матична книга на родени, која се води во Управата за водење на матичните книги и доставен Извод од посебната матична книга на родени, при што издава Идентификациона исправа,  најдоцна во рок од 15  дена од денот на доставувањето на барањето од страна на граѓанинот. Таа го содржи Евиденциониот број кој го определува Управата за водење на матичните книги, кој  го има истото значење како матичниот број на граѓанинот, при остварување на правото на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително осигурување, согласно со овој закон.

Идентификационата исправа се издава со рок на важење од пет години, со можност за продолжување до дополнителниот упис во матична книга на родените согласно Законот за матичната евиденција, а кога тоа ќе биде завршено, идентификационата исправа се поништува. Притоа, евиденциониот број определен од Управата за водење на матичните книги, содржи податоци од прашалникот во кој се обработени податоците за лицата неевидентирани во матичната книга на родени и се разликува од матичниот број на граѓанинот,

кој го определува МВР  според местото на запишување на граѓанинот во матичната книга на родени во Република Северна Македонија, согласно Законот за матичен број.

Колку за илустрација, Министерството за внатрешни работи до 30.01.2023 година има издадено вкупно 124 идентификациони исправи за неевидентирани лица во матична книга на родени, односно навремено постапува по сите барања доставени од страна на Управата за водење на матичните книги. И тука морам да потенцирам дека Министерството за внатрешни работи, при преземањето на процесни дејствија во постапувањето во врска со издавањето на идентификациските исправи, обезбедува ефикасна, непристрасна и објективна примена на законите и другите прописи и доследно почитување на законски пропишаните рокови при издавање на овие исправи.

За лицата кои во постапка за дополнителен упис во матична книга на родени ќе бидат запишани во редовната Матична книга на родените, МВР ќе определи и матичен број согласно Законот за матичен број  („Службен весник на РМ“ бр. 137/13, 55/16 и „Службен весник на РСМ“ бр. 67/22) и истите ќе се стекнат со државјанство на Република Северна Македонија согласно основите предвидени со Законот за државјанство на Република Северна Македонија.

Тоа е што се однесува до примената на постојното законско решение. Но, она што сакам да го споделам со вас е дека веќе е формирана меѓуресорска работна група во која учествуваат претставници од сите надлежни институции, меѓу кои и претставници од МВР и УНХЦР, со задача да изготват нов предлог Закон за матичната евиденција. Носител на  новиот предлог Закон за матичната евиденција е Министерството за правда, кое ги координира активностите на оваа работна група.

Во рамки на работната група, се работи на ново системско решение, односно на изнаоѓање на начин на решавање на статусот на неевидентираните лица во Матичната книга на родените. Во предлог законот се разгледува можноста за воведување на Преодни и Завршни одредби, во кои точно ќе се прецизира рокот за запишување на овие лица од посебната матичната книга на родени во редовната матична книга на родените. Исто така, се менува и досегашната постапка за дополнителен упис во матичната книга на родени, во насока на подобрување и олеснување на постапката за дополнителен упис на оваа категорија на лица во редовната матична книга на родени.

Целта на севкупниот процес е да се евидентираат сите лица кои се родени на територија на Република Северна Македонија, односно да нема лица кои се родени во државата, а не се евидентирани во матичните книги на родени.

Уверен сум дека со новото предлог законско решение ќе се надминат слабостите на кои укажа практиката, ќе се зголеми ефективноста на процесот, ќе се придонесе за навременост и конечно регулирање на граѓанскиот статус на неевидентираните лица, остварување на нивните права и нивна општествена интеграција.

Благодарам.