24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Подобро образование за учениците – Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за образование и наука потпишаа меморандуми за разбирање

СКОПЈЕ, 1 февруари 2023 – Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, денеска потпишаа два договори за подобрување на интегрираното образование за ученици од различни заедници во земјата.

„Создаваме рамка за соработка во интегрираното образование и интеркултурализмот како дел од заедничките напори за подобрување на квалитетот на образованието за сите,“ рече Вал.
„Нашите заеднички проекти со Министерството обезбедуваат единствена можност за учениците кои учат на различни јазици да работат заедно, подобрувајќи ја социјалната кохезија во Северна Македонија.“

Активностите во договорите, Меморандуми за разбирање, се очекува да вклучат грантови за училиштата ширум земјата за наставни часови заеднички спроведени помеѓу партнерски училишта кои користат различни наставни јазици, како и продолжување на поддршката на Мисијата за двојазични часови за средношколци во Скопје, што исто така е дел од иницијативата на Град Скопје во одредени училишта.

„Министерството за образование и наука е посветено во промовирањето на квалитетно образование и неопходни реформи на сите нивоа: во основното, средното и во високото образование. Во нашиот контекст, клучен аспект има и мултикултурното и мултијазичното потекло на нашите ученици и заедници. Мора да го негуваме и промовираме ова како вредност, што всушност и е. Ја цениме соработката со ОБСЕ, од која многу ученици имаат директни придобивки,“ рече министерот Шаќири.

Договорите потпишани денеска се базираат на две програми коишто Мисијата ги поддржува речиси една деценија за помош на Северна Македонија во зајакнувањето на социјалната кохезија и интегрираното образование. Првата е пилот-програмата иницирана од Град Скопје во 2018 година за двојазична настава за средношколци. Втората е проектот „Градиме нови мостови“ кој првично обезбедуваше грантови за заеднички воннаставни активности за ученици на различни јазици, а сега ќе обезбедува грантови за училиштата за заедничка настава за ученици на различни јазици. Овие програми веќе им помогнаа на повеќе од 35.000 ученици и наставници од различни заедници во Северна Македонија.