23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

И општина Бутел ќе се задолжува, обврзница на 2 милиони евра

Еден ден откога на предлог на градоначалникот Бобан Стефковски и Советот ја задолжија општина Гази Баба со обврзница од пет милиони евра, одлука за задолжување донесе и мнозинството во Советот на општина Бутел, пишува 24инфо.мк.

Оваа општина планира да се задолжи со два милиони евра, а во образложението стои дека со тие пари ќе се реализираат проекти како реконструкција на уличното осветлување, изградба на плоштад, изградба и реконструкција на улици, водоводи и канализации.

Инаку буџетот на општина Бутел е некаде околу 3.75 милиони евра па задолжувањето од оваа обврзница е 55 отсто од вкупниот годишен буџет.

Задолжувањето преку општинска обврзница, зимава го најавија Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ како иновативно решение.

Досега преку обврзница или процес на издавање обврзница покрај Гази Баба и Бутел, се задолжуваат и општините Штип и Прилеп.

Граѓаните се револтирани од овие задолжувања среде криза, а дел од експертите сметаат дека на овој начин општините многу лесно можат да се доведат во заложништво на крупниот бизнис кој би ги купил обврзниците, а потоа би влијаел врз работата на локалната самоуправа.