23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Петровска на конференцијата „Година на нови можности“: Северна Македонија е безбедна земја, членка на Алијансата, во одбраната остануваме фокусирани на армискиот стандард и модернизацијата

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска учествуваше на панел – дискусијата посветена на надворешната и безбедносна политика, која се одржа во рамки на конференцијата „Година на нови можности“.

На панелот, министерката се осврна на позицијата на Северна Македонија во однос на безбедносните предизвици на континентот и укажа на придобивките за земјата од членството во Алијансата во која 30 земји се обединети и здружени во гарантирањето на безбедноста на секоја педа сојузничка територија.

„Многупати во периодот по 24 февруари 2022 година го добивав истото прашање – дали Северна Македонија е безбедна? Одговорот, без сомнеж, јасно и гласно кажан е – ДА. Нашата татковина и денеска заедно со прогресивните земји, здружени од современите вредности и идеали, ја гарантира сопствената безбедност и дава свој придонес кон колективната безбедност во НАТО“, рече министерката.

Во однос на развојот на одбраната и Армијата, Петровска истакна дека за да имаме силна Армија вложуваме во опремување и модернизација, но не смееме да го заборавиме човечкиот капацитет и во тој контекст ги образложи измените во Законот за служба во Армијата минатата година кои донесоа сет на бенефити за армиските припадници, како и законското решение за вработените во одбраната кое е во финална фаза на изработка.

„Не можете да имате силна Армија ако се потпрете само на опремата и вооружувањето, а притоа го занемарите човечкиот капацитет. Токму тоа беше и целта на носењето на овие измени и дополни на Законот за служба во Армија со кои уште повеќе придонесовме за кревање на стандардот на припадниците на македонската армија и притоа она што е најважно – создадовме услови за привлекување на млади кадри. Можам да споменам само неколку придобивки – редовно покачување на платите, усогласување со минималната плата, понатаму опремнина за секој војник кој ќе наврши 45 години и тоа во износ кој е поврзан со просечната плата, понатаму следуваат и додатоците за станарина што исто така преставува дополнителна мотивација или дополнително зголемување на стандардот, но истовремено се отвара можноста и за стипендирање на млади кадри“, рече министерката на панел-дискусијата.

На панел – дискусијата учествуваа и министерот Оливер Спасовски, како и деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски и претседателот на Евро-Атланскиот совет Исмет Рамадани, а свое видео-обраќање имаше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.