Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на конфренцијата „Година на нови можности“ организирана од Владата на Република Северна Македонија имаше можност да одговори на прашање во име на научната јавност во публиката, поставено од страна на проф.д-р Марина Митревска, во однос на новите можности за МВР на домашен и на меѓународен план за оваа, 2023 година.
Министерот Спасовски потенцираше дека при креирањето на идни планови за годината, никогаш не се заборава од каде се тргнало, што е основата, до каде е дојдено и што е тоа што треба да се направи понатаму.
„Во 2017 бевме една од најнетранспарентните институции, со историски најмала доверба кај граѓаните, некаде околу 23%, со никаква соработка во делот на науката и праксата и условите за работа, инфраструктурно, во опрема и човечкиот потенцијал беа доведени во прашање и во една исклучителна состојба, со некаде околу 40 милиони евра задолженост. Сега ја имаме состојбата после сите реформски процеси, со Агенција за национална безбедност, целосна реформа во системот за следење на комуникациите. Сегашната доверба во институцијата е над 50%, според транспарентноста сме една од трите најтранспарентни институции во државата. Сето ова се должи на добро поставените стратешки цели. 2023 година секако треба да биде година во која ќе бидеме добри партнери и на меѓународно ниво, да ги одржиме и продлабочиме сите врски коишто ги имаме. Тоа е исклучително значајно за Министерството, за кредибилитетот не само на Министерството, туку и на државата“, министерот Спасовски направи паралела на состојбите во Министерството.
Тој како редовни планови и можности го потенцираше остварувањето на дефинираните стратешки приоритети за тоа што треба да бидат клучни цели, како што се борбата против организираниот криминал и корупцијата, борбата против тероризмот, илегалната миграција и сајбер безбедноста
„2023 за нас ќе биде многу важна од аспект на меѓународно етаблирање, бидејќи минатата година го добивме одржувањето на 50. јубилејна регионална европска конференција на ИНТЕРПОЛ во Република Северна Македонија. Тоа е едно огромно признание за државата и за работата на МВР. Таа конференција ќе се одржи во рамките на прославата на 7 Мај – Денот на македонската полиција во Охрид. Тука неизоставно е да се спомене дека многукратно се зголеми довербата, меѓутоа и меѓународната поддршка и соработка којашто ја има МВР со учество на многу меѓународни конференции и организации“, презентираше дел од плановите и можностите што ги отвора 2023 година министерот Спасовски.
Тој во врвните приоритети, како втор важен сегмент го истакна вложувањето во човечките капацитети, бидејќи, како што потенцираше, „сѐ друго можете да купите, но не можете да го купите човечкиот потенцијал којашто е потребен“.
„Преку обуки, преку реорганизација ќе можеме да го зајакнеме капацитетот на македонската полиција, преку вложување во инфраструктурата. Знаете дека во изминатиот период интензивно работевме во тој дел, бидејќи знаевме дека е важно да има добри услови за вработените, да се зголеми мотивацијата и да има добри услови за остварување на правата на работниците“, потенцираше министерот Спасовски.
Тој како финални приоритети ги наброи планираните инвестиции во инфраструктурата со старт на три клучни проекти за оваа 2023 година.
„Целосна обнова на Центарот за обука на МВР, целосна реконструкција на Управните служби во Скопје како еден од најфреквентните делови на МВР и изградба на нова полициска станица во Аеродром. Тука е вложувањето во опрема и во многу други сегменти“, финализираше министерот Спасовски.
Спасовски за крај уште еднаш го потенцираше дека дел од стратешките приоритети на Министерството во континуитет остануваат зголемувањето на ефикасноста и довербата во полицијата и постојано намалување на стапката на криминалитет.