23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Годината почна со многу убиства во семејствата. Зошто доаѓа до тоа?

„Син уби татко“, „Татко уби син“, „Ги убил мајка му и баба му, а сакал да го убие и чичко му“ се дел од насловите со кои се полнеше црната хроника по медиумите во јануари годинава. Застрашувачки се насловите, но и статистиката која вели дека дури шест убиства се извршени од Нова година, а јануари уште не завршил, од кои повеќето се во рамки на семејството.

Така, првото убиство се случи на 2 јануари годинава, кога П.И. (25) од Струмица, ја убил М.Б. (83) од Струмица, која беше пронајдена мртва во својот дом. Според полицискиот билтен, младиот човек побарал пари од жената, со која бил во роднинска врска, и откако не добил, ја нападнал, а од здобиените повреди таа починала. Тој го признал делото, а сега е во притвор.

На 11 јануари стигна веста дека на улицата „Рузвелтова“ во Скопје се случило двојно убиство. Приведен беше М.Ј. (40) од Скопје, поради сомнение дека со остар предмет ги нападнал неговата мајка и баба на возраст од околу 60 и 80 години, кои од здобиените повреди починале. Во понатамошната истрага беше утврдено дека тој сакал да го убие и чичко му, но се откажал, па отишол кај својот матичен лекар да побара помош и таму признал дека ги убил мајка му и баба му.

Ден потоа, 40-годишен кумановец го уби неговиот 65-годишен татко, во попладневните часови, на улицата „438“ во Куманово. Осомничениот влегол во собата во која престојувале неговите родители, зел кујнски нож и без да биде забележан од мајка му, дошол до креветот на кој спиел неговиот татко и со ножот го прободел во пределот на вратот од левата страна. Таткото починал, а осомничениот заминал во соседната соба да ги чека полицајците.

Неуспешно убиство, или убиство во обид, како што го класификуваат правосудните ограни, се случи на 14 јануари, кога 46-годишен татко, се обиде да го убие синот, во ресторан во близина на Бит пазар во Скопје. „По кратка вербална расправија, за која причина биле претходно нарушени меѓусебни односи, осомничениот зел кујнски нож и му нанел три убодни рани на оштетениот во пределот на стомакот, десната подлактица и грбот, нанесувајќи му тешки телесни повреди. Во намерата да го изврши убиството го спречил сведок, кој му помогнал на оштетениот и го пренел во болница“, соопшти обвинителството.

Само пет дена подоцна, син уби татко. Имено, приведен беше М. И. (33) од Скопје, поради тоа што во семејната куќа на подрачјето на Гази Баба бил пронајден починат неговиот татко Џ.И. (62), со рана од огнено оружје, а синот се сомничи за убиство.

Убиство имаше и во Богомила, каде 21-годишен жител на Богомила со умисла лишил од живот 60-годишник. Тој дошол до куќата на осомничениот да ги повика својата сопруга, ќерката и помалиот син кои биле во домот на осомничениот да се вратат дома. Осомничениот на тоа излегол надвор и без причина започнал да го удира оштетениот со тупаници во пределот на градите. Ќерката на оштетениот ги раздвоила, но од повредите оштетениот починал, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Економската немоќ е една од причините, сметаат социолозите

Која е причината што луѓето се вртат против своите најблиски и дали државата презема соодветни мерки за заштита на членовите на семејствата од семејно насилство, одговор побаравме од социолозите кои работатат на поддршка на жртвите Кризен центар „Надеж“.

„Секако дека една од причините за појава на семејно насилство е економската немоќ. Сторителите на дело семејно насилство може да се поттикнати од својата сопствена економска немоќ па посегнуваат по своите најблиски, додека пак жртвите на семејно насилство заради економска немоќ, го премолчуваат и не го пријавуваат насилството“, вели социологот Александра Миленковска од „Надеж“ за „Независен“

Таа додава дека според официјалните статистики на државно ниво, можно е да има намален број на жртви на семејно насилство, што не мора да значи дека е намалено семејното насилство. Од друга страна, според евиденцијата на Кризниот центар „Надеж“, од информациите што ги добиле во разговор со нивните корисници, на жртвите на семејно насилство им е потребен подолг период за да се охрабрат да го пријават насилството, а главно причината за тоа е недовербата во институциите и несигурноста дека ќе им биде обезбедена соодветна помош и заштита.

Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, пред една недела на брифинг со новинарите рече дека бројот на жртви на семејно насилство во 2022 година е намален за 4,3 проценти во споредба со 2021. Според неа, најпријавувано е психолошкото насилство, потоа физичко насилство, а има шест случаи на сексуално насилство, како и економско насилство.

Каква психологија стои зад личноста која посегнува по туѓ живот?

Тешко е да се објасни психичката состојба на лицето кое посегнува по живот на најблискиот. Уште потешко е, можеби, да се објасни со што сѐ се соочуваат членовите на истото семејство, од кое произлегле и убиецот и жртвата.

„Убиството е чин на најизразено насилство. Често, насилството постои и пред чинот на убиство, што укажува дека општествениот систем и инстиутциите не работат на превенција или интервенција во случаи кога насилството се пријавува. Ова е порака за насилникот дека насилството се толерира, а кај жртвата се јавува немоќ бидејќи многу често нема никаква заштита и е препуштена сама на себе. Во општество, како нашето, кое толерира насилство и во кое агресијата, во секоја форма, е составен дел од општеството и средство за соживот во заедницата, насилството добива епидемиски размери и станува значајно прашање од општествено, културно, политичко и психолошко значење“, вели психологот Ана Попризова за „Независен“.

Како Шпанија се справува со големиот број убиства, особено на жени

Додека кај нас шесте убиства овој месец, истражени или со сѐ уште незавршена истрага, не запалија никаков институционален аларм и не поттикнаа некоја специјална акција на институциите за заштита на членовите на семејствата од потенцијана ескалација на нетрпеливоста – во Шпанија има посебна владина седница.

Шпанската влада свика втор итен состанок на експерти за семејно насилство за помалку од еден месец, по убиствата на шест жени и една млада девојка од почетокот на јануари. Владата во Мадрид ја разгледува идејата да ги информира злоупотребените жени за тоа дали нивните партнери се осудени за кривични дела насилства, објави „Гардијан“. Шпанскиот кризен штаб за решавање на проблемите поврзани со насилството последен пат се состана по убиствата на 11 жени во декември минатата година.

„Во јануари досега се убиени шест жени и едно осумгодишно девојче од сексистичко насилство.Министерството свикува состанок на кризниот комитет во петок за детално да го анализира секој случај и да открие што тргнало наопаку, што би ја подобрило координацијата за да бидеме сигурни дека секогаш ќе стигнеме таму каде што треба да бидеме на време“, напиша шпанската министерка за рамноправност Ирене Монтеро.

извор: Независен

автор: БИЛЈАНА БОГДАНОВСКА