„Немам разбирање за степенот и интензитетот на реакцијата од Софија. Нема реална основа да се тврди дека постои некаква системска дискриминација. Имавме инциденти, да и убеден сум дека сите се политички мотивирани и се користат за дневнополитички поени“ изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Аргумент плус“ на ТВ24.
Тој додаде дека има тука и лични агенди, но дека во сите ситуации институцитие реагираа навремено, одлучно, без задршка и селекција.
„Ние како држава не смееме да дозволиме ваквите инциденти како палењето на клубот во Битола, пукањето во еден од клубовите или овој физички напад на секретарот на клубот во Охрид да поминат неказнето, ради нас. Веруваме дека сме европска држава, која може да ги гарантира правата, редот и мирот во државата“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека случајот со Пендиков мора да биде расчистен пред нашите институции и овој случај никому не дава право да дава изјави кон Северна Македонија кои се понижувачки, навредувачки или имаат цел да ги предизвикаат чувствата на нашите граѓани.
„Ние сме сојузници со Бугарија во НАТО и наша должност е да разменуваме информации. Ако комуницираме и разменуваме информации ќе дојдеме до заклучок дека дел од овие инциденти доаѓаат од непријателск исили кои имаат цел да ја држат Северна Македонија надвор од ЕУ и да влијаат на нашата ориентација долгорочно“ рече Маричиќ.