Има динамика во однос на коалицирањето помеѓу партиите, рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „360 степени“, прашан за можната коалиција со Алијанса за Албанците.
– Јас кога разговарам и зборувам за политички партии кои се дел од Владата или кои се придружиле кон Владата се придржуваме до едно генерално правило а тоа е дека е прво интересот на државата, граѓаните, народот и спроведувањето на сите мерки кои се потребни за унапредување на стандардот, справување со економската криза, зголемувањето на инвестиции се практично мотивите и водилката во која се води секоја политичка дебата, рече Ковачевски.
Тој вели дека неговата работа во текот на целата измината година е фокусирана на три генерални теми.
-Прво, справувањето со енергетската криза и заштита на животниот стандард на граѓаните, при што никој не беше оставен сам, нема да биде оставен сам. Второ, енергетската транзиција и инвестиции во сите сектори. Знаете дека минатата година имавме највисоко ниво на инвестиции во историјата на независна Македонија, 465 милиони евра многу повеќе од кога се мислеше дека имаме најголемо ниво на инвестиции како на пример во 2014 година. Ако ги споредиме, минатата година во споредба со 2014 година имаме повеќе 167 милиони евра инвестиции и тоа во најкризната година. Третото е спроведувањето на скрининг процесот и непречено одвивање на европските интеграции на државата со оглед на тоа дека во јуни минатата година конечно после 17 години се почнати преговори со ЕУ, истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека врз основа на овие теми се гради и политичката активност на СДСМ и на коалиционата Влада која што ја предводи.
-Јас во низа изјави и како премиер на Влада и како претседател на партијата, меѓутоа и други коалициони партнери кои што се дел од Владата имаме дадено изјава дека сите политички партии кои што се наоѓаат на оваа лента, а тоа е непречено одвивање и носење на одлуки во насока на зачленување на Северна Македонија во ЕУ, се добредојдени во Владата. За да тоа се случи, прво мора да се програмски да се усогласат политичките партии и второ кадровски да се усогласат. До овој момент, такви разговори за кадровско и програмско усогласување со потенцијално нови партнери во Владата нема дојдено. Вие конкретно прашувате за АА бидејќи тоа е тема која што се експлоатира во јавноста. АА е политичка партија која го поддржа предлогот на европската Унија во однос на стартот на нашите преговори. Тие секогаш и практично докажувале дека се за интеграција на нашата држава во ЕУ. Едно такво проширување се разбира дека би значело зголемување на фронтот кон сојузот на политички партии кои што се „за“ европска Македонија. Истовремено тоа би значело изолирање на политичките партии кои се против ЕУ и против зачленувањето во НАТО, а тоа се Левица и ВМРО – ДПМНЕ кои што на една страна Левица декларативно и програмски е против евроатлански интеграции на државата а ВМРО – ДПМНЕ деклартивно е „за“ меѓутоа со сите постапки во текот на изминатите децении е против, заклучи Ковачевски.