Република Северна Македонија првпат ќе воспостави регионални системи за управување со цврст отпад по европски стандарди. Средствата ги обезбеди Министерството за финансии, а проектот ќе се имплементира преку Министерството за животна средина и просторно планирање. За реализација на овој проект денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини потпишаа договори со Европската банка за обнова и развој. Средствата се обезбедени од ЕБОР, ЕУ, Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA).
„Денеска со нашите партнери, Евопската унија и Европската банка за обнова и развој, потпишуваме Договор за заем, помеѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и ЕБОР и Проектен договор, помеѓу МЖСПП, кое е имплементатор на проектот и ЕБОР. Со овие договори Владата на РС Македонија обезбедува 55 милиони евра заем по поволни услови од ЕБОР. Дополнително од ЕУ е обезбеден грант од 24,8 милиони евра, приближно 9 милиони евра грант од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и дополнително 1 милион евра од Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA).
Тој потенцира дека оваа инвестиција е од клучно значење за позелена и одржлива иднина на Република Северна Македонија. Таа ќе придонесе не само кон намалување на загадувањето, што е врвен приоритет за нашита граѓани, туку ќе биде и пример за поттик за развој на нови проекти во областа на циркуларната економија, како и придонес кон регионален развој.
Средствата ќе се искористат за воспоставување регионални системи за управување со отпад по европски стандарди. Ќе бидат опфатени Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион. Со ова Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе направат значајна промена во управувањето со цврстиот отпад.
Овој проект е во насока на спроведување на целите и политиките на Владата на РС Македонија, насочени кон промовирање одржлив систем на управување со отпад.