25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Заврши владината седница, донесени серија важни одлуки

Од 119-та владина седница: Старото училиште во Љубојно ќе се ревитализира во Центар за промоција на македонскиот јазик; разрешен е директорот на Управата за извршување на санкциите; именувана е директорка на Педагошката служба; прифатен е усогласениот текст на Договорот за соработка со Израел во областа на електронските комуникации

Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа 119-та седница.

Владата ја разгледа Информацијата за изработка на Проект за реконструкција и ревитализација на Старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно и за негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.

Имајќи ги предвид вредностите на Старото училиште „Димитар Влахов” во селото Љубојно, надлежната установа НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Битола, како што соопштија од Министерството за култура, иницира постапка за негова реконструкција и ревитализација како Центар за промоција на македонскиот јазик.

Задолжено е Министерството за култура да ги преземе сите натамошни дејствија во врска со адаптацијата на училиштето „Димитар Влахов’’ во Љубојно, во Центар за промоција на македонскиот јазик.

Владата, на денешната седница донесе и кадровски одлуки.

Марјан Спасовски е разрешен од должноста директор на Управа за извршување на санкциите.

Владата ја именуваше Вангелија Велева за директорка на Педагошката служба, по претходно отворен јавен оглас на којшто Велева е единствен уредно пријавен кандидат.

Владата, на денешната седница ја разгледа и усвои и Информацијата од Министерството за информатичко општество и администрација, за извршени преговори на Владата на Република Северна Македонија и Владата на Државата Израел, за соработка во областа на електронски комуникации и поштенски услуги и го разгледа и прифати усогласениот текст на Договорот.

Овластен е министерот Адмирим Алити во име на Владата на Република Северна Македонија да го потпише Договорот.

Воспоставувањето на соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Државата Израел за соработка во областа на електронски комуникации и поштенски услуги, како што е објаснето од Министерството за информатичко општество и администрација е со цел унапредување на трговските и техничките размени како од економски и социјален аспект, така и во насока на продлабочување на заемните врски за модернизација на електронските комуникациски мрежи.