25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Со законот за систем на плати во јавниот сектор платите нема веќе да зависат од волјата на политичарите

„Со новиот Закон за систем на плати во јавниот сектор се воспоставува систем за платите да не зависат од политичката волја на моменталната гарнитура на власт“ изјави министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во „Топ тема“ на Телма.

Таа додаде дека во моментов постои неунифициран систем на плати и огромни разлики во платите за исто работно место во различни сектори, а овој закон ќе воспостави ред.

„Преку потсистемите за плати ќе се дефинира највисоката плата во секоја дејност, а тоа ќе го прави надлежното министерство“ рече Тренчевска.

Таа додаде дека во јавните расправи за предлог-законот ќе се дефинираат сите нејаснотии за кои укажуваа дел од синдикатите, како вклучувањето на минат труд во освновата плата.

„Она за кое зборуваат синдикатите е дека се крати од делот з агодишен одмор, дека таму ќе влегувала основната плата без минат труд, што не е вистина. Во првите членови од законот се дефинира дека задолжителна компонента на основната плата е минатиот труд. Но, затоа ова е предлог-текст, кој ќе се дообјаснува по јавните дебати“ рече Тренчевска.