Владата посветено работи на унапредување и обезбедување на квалитетни услови за образование на секое дете, уверува премиерот Димитар Ковачевски. Тој истакна дека Министерството за образование и наука ги реализирало сите капитални инвестиции, кои, согласно инвестицискиот план, требало да се заокружат во 2022 година.
-За реализација на капитални инвестиции со кои ќе се унапреди квалитетот на условите за следење на настава од страна на учениците, но и за работа на наставниците, во 2022 година беа обезбедени средства во износ од над 16,3 милиони евра. Во 2022 година имаме реализација на буџетот за капитални инвестиции од речиси 94%. Завршена е испораката на мебел за опремување на кабинети по природни науки за 264 основни училишта, a завршена е и испораката на опрема и нагледни средства за кабинетите по природни науки за 358 училишта, кажа Ковачевски.
Тој додаде дека подобрени услови за настава добиле голем број ученици од сите региони во државата.
-Нови училишта добија учениците од Долна Лешница во општина Желино, како и од Долно Блаце во општина Чучер Сандево. Овде решивме повеќедецениски проблем. До неодамна, учениците од ова населено место, каде воопшто не постоеше училишен објект, посетуваа настава во најблиското училиште, преминувајќи ја границата со Косово. Инвестициите во образовната инфраструктура ќе продолжат со зголемен интензитет и оваа година. Предвидени се 18,3 милиони евра или тоа е 8,9% повеќе средства од 2022 година. Ќе посочам неколку покрупни проекти – ќе отпочне изградба на објект за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, а ќе продолжи и изградбата на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во Скопје. Ќе се гради нов објект за кумановската гимназија „Сами Фрашери“. Ќе започнат активностите за целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови, кои во рок од 30тина месеци треба да станат современи и енергетски ефикасни, кажа Ковачевски.
Тој нагласи дека во меѓувреме, се продолжува изградбата и реконструкцијата на училишта.
-Веќе најавивме дека ќе започне реконструкцијата на 118 училишни објекти, каде фокус е ставен на изградба на нови тоалети за ученици, оспособување на тоалетите за ученици со посебни потреби и поставување на пристапни рампи. Продолжува и реализацијата на проектот за изградба на 145 училишни спортски сали, преку кој во 2023 ќе започне изградбата на 10 нови спортски објекти, кажа премиерот.