Воедно, претседавачот на ОБСЕ го осуди нападот на станбена зграда во Днепар, каде пред два дена загинаа повеќе од 40 лица и над 70 ранети. „Не постои оправдување ако континуирано се гранатираат цивилни цели. Ништо не може да оправда убивање цивили, попречување транспорт на вода и храна, отежнување на работата на хуманитарните конвои. Ништо не може да оправда кога деца и бремени жени се оставени без греење, со недоволно храна“, оцени Османи.
Неиспровоцирана агресија е кршење на меѓународното право, потенцијална закана за регионот, но и извор на страв и несигурност за целиот свет. Османи истакна дека Организацијата ќе ги искористи сите механизми и алатки да помогне во напорите да се стави крај на, како што рече, ова страдање и уништување.
„Пустошот предизвикан од воената агресија врз Украина длабоко ме потресува. Уништувањето на виталната инфраструктура и страдањето на украинскиот народ мора да запре. Потребна е итна акција за да се стави крај на ова безумие и да се обезбеди помош за оние на кои им е потребна. Мораме да работиме да престане страдањето, а потоа да ги обновиме овие уништени области“, истакна претседавачот на ОБСЕ.
Османи, воедно, упати порака дека Северна Македонија како земја претседавач со ОБСЕ ќе се залага да најде начин повторно да ја врати Организацијата во Украина. Тој исто така порача дека комуникацијата со Русија ќе зависи од тоа какви ќе бидат кон принципите и заложбите на Организацијата за што Османи нема да дозволи никакви компромиси.