23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Тренчевска: Со прифаќање на различностите на секој од нас можеме да бидеме посилни како општество

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на конференцијата „ Различностите, благослов или проклетство“ во организација на Цивил со поддршката од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Целта на оваа конференција е да даде придонес кон општествениот дијалог и креирањето политики и практики за поддршка и унапредување на мултикултурализмот во македонското општество.

„Само заедно со прифаќање на различноста на секој од нас можеме да бидеме посилни како општество. Република Северна Македонија е мултиетничка и мултикултурна држава, токму оваа Влада од 2017 па наваму го промовира концептот – Едно општество за сите и токму тоа не прави уникатни“ изјави Тренчевска.

Таа истакна дека Владата верува во вредностите на толеранција и инклузија како и во можноста секој поединец да одлучува во општеството. Министерката посочи дека како социјал-демократска Влада политиките и законите ги креираат водејќи се од праведноста, еднаквоста и солидарноста.

„Министерството за Труд и Социјална Политика има големо портфолио на надлежности, а таму е проткаено и прифаќањето на различностите. Тука спаѓа и социјалната инклузија и лицата со попреченост, во нашата работа го земаме еднаквиот пристап кон сите граѓани“ посочи Тренчевска.

Таа го истакна и Законот за заштита и спречување од дискриминација кој што посочи дека е усогласен со сите Европски стандарди за да може да се обезбеди заштита на сите граѓани кои сметаат дека имаат нееднаков третман во општеството.

На конференцијата се обратија и Роберт Алаѓозовски – Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Санела Шкриељ, Пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија, Марјан Забрчанец, Национален координатор за Отворен Балкан, Универзитетскиот професор Рубин Земон, Владиниот советник за инклузија на Роми, Елвис Мемети, Мерсиха Смаиловиќ од „Легис“ и Луан Имери од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.