26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Полска е првата земја која сака да ја забрани ГМО добиточната храна – Најголемите живинарски компании се против ваквата одлука и сметаат дека тоа ќе предизвика колапс на фармите

Додека во Европската Унија ГМО во производството на добиточна храна е дозволен, Полска е првата земја која има намера да ја прекине оваа практика на живинарските фарми. Најголемите живинарски компании се против ваквата одлука и сметаат дека тоа ќе предизвика колапс на фармите

Оваа промена треба да стапи во сила од јануари следната година, но производителите на месо се противат на намератаи сметаат дека таквата транзиција ќе доведе до зголемување на трошоците, поради што многу компании би можеле да го прекинат производството.

Инаку, уште пред пет години на европскиот пазар беа регистрирани повеќе од 50 ГМО производи кои можат да се користат во добиточна храна. Во јули минатата година Европската комисија одобри употреба на генетски модифицирана пченка за храна и добиточна храна, која ќе важи десет години.

Полските производители сега предупредуваат на огромните загуби што може да ги предизвика ваквата одлука, пренесува порталот „All About Feed“, потсетувајќи дека полската влада во ноември минатата година усвои измени на Законот за храна за животни, според кои производството, маркетингот и употребата на добиточна храна која содржи ГМО ќе се забрани и тоа без преоден период.

Десет земјоделски здруженија во заеднички допис посочуваат дека одлуката е донесена без претходна консултација со компаниите и на големо изненадување бидејќи според претходните прописи, употребата на ГМО во добиточната храна било дозволено до 2027 година. Живинарскиот сектор, како што се предвидува, би можел да биде во голема неволја бидејќи нема соодветна замена за ГМ сојина сачма. Храната сочинува околу 70 отсто од трошоците во производството на живина.

Според аналитичарите, оваа одлука може да биде опасност за целиот европски пазар, бидејќи Полска е најголемиот извозник на пилешко месо. Таа продава 50 отсто од своето производство на други пазари. Во апелот на десетте најголеми компании, исто така, се наведува дека од пандемијата, производителите се борат со зголемените трошоци, а сега и со нелојалната конкуренција што доаѓа од Украина, бидејќи од почетокот на конфликтот се увезува многу пилешко од таа земја.

Земјоделците во Полска се повеќе негодуваат поради нелојалната конкуренција од Украина во последните месеци. Почетниот ентузијазам дека Полска ќе биде само транзитна рута за украинската храна до европскиот пазар брзо стивна. На нивниот пазар завршија големи количини евтино жито од украинските силоси, со што цената на домашните земјоделски производи се спушти на минимум.

Европскиот комесар за земјоделство Јануш Војчеховски неодамна изрази загриженост за таквите услови во неговата матична земја и рече дека ЕУ треба да го ревидира својот договор за слободна трговија со Украина и да воведе ограничувања за увоз на одредени прехранбени производи.

извор: Agrotim.mk