22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАНАУКА

Последните осум години најтопли во историјата: големо предупредување за последиците од глобалното затоплување

Последните осум години се најтопли во светот откако е измерена просечната годишна температура, покажуваат резултатите од најновото истражување на агенцијата на ЕУ што се занимава со анализа на климатските промени.

Анализата на Европската служба за климатски промени „Коперник“ покажа дека претходната година – 2022 – била петта најтопла во историјата откако е измерена просечната температура. Во анализата се наведува и дека ова била втора најтопла година во Европа, а само 2020 година е потопла.

Извештајот ја опишува минатата година како година на екстреми, што донесоа топлотни бранови во Европа, смртоносни поплави во Пакистан и Австралија и глобално затоплување поради кое морињата на Антарктикот достигнаа рекордно ниско ниво.

Во извештајот се наведува дека просечната годишна температура е зголемена за 1,2 степен во однос на прединдустрискиот период.

Според Парискиот договор од 2015 година, повеќето земји во светот се согласија да го ограничат затоплувањето за два степена за разлика на она пред прединдустриските нивоа.

Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени ја идентификува ознаката од 1,5 степен како клучен праг, а потоа изјави дека неговото прекршување драматично ќе го зголеми ризикот од екстремни временски услови.

Во 2022 година Европа ја доживеа втората најжешка година досега, а климатските промени предизвикаа екстремни услови, кои го намалија приносот на земјоделските култури, ги исушија реките и доведоа до илјадници смртни случаи.

Сите светски океани забележаа рекордно високи температури минатата година. Повеќе од 90 отсто од вишокот топлина што е заробена на Земјата поради ефектот на стаклена градина се апсорбира во океаните, пишува „Гардијан“.

Резултатите од мерењата, кои првпат беа објавени во 1958 година, во споредба со денешните, покажуваат дека од 90-тите температурата во океаните рапидно се зголемува. Температурата на површинската вода во океаните има големо влијание врз временските услови.

Потоплата вода во океаните помага да се создадат екстремни услови, па лесно може да се појават урагани или тајфуни поради што крајбрежните градови се особено загрозени.