23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски – Шоле: Стратешкото партнерство никогаш посилно, заеднички ќе се справиме со сите предизвици

Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење – Славица Грковска, и министрите за надворешни работи – Бујар Османи, за одбрана – Славјанка Петровска, за внатрешни работи – Оливер Спасовски и за економија – Крешник Бектеши се сретна со Дерек Шоле, советник на државниот секретар на САД, Ентони Бликнен, придружуван од заменик-шефот на Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер, и од претставници од Амбасадата.

На состанокот е нагласена големата поддршка од Соединетите Американски Држави во натамошниот напредок на Република Северна Македонија.

Оценето е дека традиционалното, искрено и долгогодишно пријателство со САД има големо значење во развојот на демократските, реформските и интеграциските процеси на Република Северна Македонија.

Констатирано е дека стратешкото партнерство на Северна Македонија со САД е силна поддршка на сите важни процеси за демократската иднина на државата и за унапредувањето на квалитетот на живеење на граѓаните.

На средбата е разговарано за актуелни прашања од значење за евроинтеграциите на државава, за справувањето со економско-енергетската криза, за ситуацијата во регионален контекст. Во таа насока потенцирана е јасната поддршка од САД за напредокот во евроинтеграциите на Република Северна Македонија како прашање од значење и за европските перспективи, стабилноста и безбедноста и во регионот, што се покажа особено неопходно по војната во Украина.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големото пријателство и стратешко партнерство со САД во билатералните односи и во рамките на НАТО.

Ковачевски оцени дека ова е многу важен состанок, со значаен претставник од САД, на кој има можност да се разговара за најактуелните теми што се однесуваат на задржувањето на реформскиот курс на државата и на потребните одлуки што треба да се донесат во текот на 2023 со цел Северна Македонија непречено да ги продолжи преговорите со ЕУ. Во таа насока премиерот Ковачевски ја посочи потребната конструктивноста во парламентот за усвојувањето уставни измени, со цел придвижување на европскиот пат.