Додека ги одбројуваме последните часови до Новата 2023 година, се потсетуваме на сите настани коишто ја одбележаа годината што изминува и на она по што ќе ја паметиме. Во 2022 година го одбележавме јубилејот 30 години монетарна самостојност, 30 години од градењето на еден од столбовите на државноста. Во услови на бројни кризни епизоди и историски премрежиња за кои сведочевме во изминативе три декади, одржувањето на монетарниот суверенитет несомнено бараше голема посветеност, професионалност и лидерство од страна на централната банка, но и поддршка од другите општествени чинители. Работејќи по принципот acta non verba, чекор по чекор ја градевме оваа институција, вложувајќи во нејзиниот човечки потенцијал, без што ќе беше невозможно да се зачува и да се јакне монетарната стабилност. Ја задржавме стабилноста на денарот, еден од симболите на нашата државност и сидрото на стабилноста на нашата економија.
Но, секоја паричка има две лица, а секој период има и добри и лоши страни. Така и оваа 2022 година, за жал, во светската историја ќе биде запомнета како уште една кризна година ‒ година во која започна војна на европска почва, година на енергетска криза, година во која светот забележа една од највисоките стапки на инфлација во изминатите неколку децении. Токму поради тоа и сите централни банки, вклучително и ние, го променивме долгогодишниот курс на монетарната политика и започнавме со циклусот на нејзино затегнување.
Целта на овие промени е да го стабилизираме растот на цените, да спречиме намалување на куповната моќ на граѓаните и да обезбедиме предвидливост во носењето на одлуките. Всушност, тоа го правиме успешно во изминатите три децении, период во којшто само во неколку наврати кај нас се забележани повисоки стапки на инфлација. Овие епизоди, како и сегашната, во голема мера беа одраз на надворешни шокови коишто влијаеја врз нашата мала, отворена и енергетски зависна економија, но и на структурните слабости на економијата на кои во изминативе декади не им беше обрнато соодветно внимание. Низ годините, Народната банка успешно им одговараше на овие предизвици и со своите мерки и политики доследно се придржуваше кон своите цели – стабилна валута и стабилни цени.
Будно ја следиме и оваа кризна ситуација и подготвени сме да преземеме натамошни чекори за да ја осигуриме среднорочната ценовна стабилност, којашто е предуслов и за одржлив економски раст и за подобар живот на граѓаните. Догодина очекуваме постепено забавување на инфлацијата, којашто на среден рок би се вратила на историските стапки од околу 2%.
На крајот би сакала да посочам дека годинава нѐ научи дека секогаш треба да мислиме и да делуваме еден чекор понатаму ‒ светот се соочува и допрва ќе се соочува со крупни промени, меѓу другите климатските и енергетските предизвици, но и дигитализацијата. Повеќе од очигледно е дека главниот акцент треба да се стави на одржливоста ‒ одржлива енергија, одржливо земјоделство, одржливи финансии. Затоа се потребни структурни реформи коишто ќе ја зајакнат отпорноста на економијата, па оттука сите ние кои сме носители на политики треба да мислиме и да делуваме одговорно, стратешки и одржливо.
На сите ви посакувам успешна и многу подобра 2023 година!