Цела 2022 година ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ширеа лаги во јавноста, истакна на денешната прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Меѓу најголемите лаги, како што рече, е дека ВМРО-ДПМНЕ не била во коалиција со Данела Арсовска.
„Очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се оттргнат од Арсовска. Факт е дека таа беше нивен кандидат за градоначалник, дека токму Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ бараа поддршка од граѓаните за Арсовска, факт е дека таа победата ја славеше во белиот дворец. Поддршката од советниците на ВМРО-ДПМНЕ за буџетот за 2023 година предложен од Арсовска е последниот доказ дека коалицијата Мицкоски – Арсовска – Левицата и натаму функционира, а дека кавгите меѓу Арсовска и Мицкоски биле само заради тендери“, истакна Каевски.
Според него, целата одговорност за катастрофата што му се случува на Скопје е кај ВМРО-ДПМНЕ и кај Мицкоски и тоа не може да се промени со ниту една лага, со ниту еден обид за дистанцирање.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, додава Каевски, се најголемиот извор на лажни вести. На Мицкоски, како што рече, не може да му се верува.