26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Министерот Спасовски на Новогодишен брифинг со медиумите

Интегрално обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски:

Почитувани претставници на медиумите,
Почитувано раководство на МВР и на БЈБ,
Драги соработници,

Во последните денови од една година полна со предизвици, тука сме со нашите партнери – медиумите за да споделиме што сме направиле, што ни останува да направиме, дали сме на добар пат во остварување на заложбите, дали сме ги исполниле очекувањата, со кои цели ќе влеземе во Новата 2023 година…

Бидејќи како МВР и како полиција остануваме посветени кон создавање отворена, отчетна и транспарентна институција пред граѓаните, преку активна соработка со медиумите и граѓанските организации, со 76.10% исполнетост на индикаторите за отвореност, за овој предновогодишен брифинг осмисливме еден поинаков концепт, кој верувам дека ќе ви овозможи малку пошироко да се запознаете со работењето на МВР, во рамки на Одделите во институцијата, како и на БЈБ, односно на полицијата која е на терен. Пресеците на сработеното и постигнатите резултати во однос на сигурноста и безбедноста, борбата со криминалот, одржувањето на јавниот ред и мир, спроведување на законите и чување на уставниот поредок и институциите на системот ќе ги чуете и видите малку подоцна. Главната идеја од која бевме водени за ова предновогодишно дружење беше брифингот да претставува вистински одраз на внатрешната политика на Министерството во насока на градење на довербата помеѓу медиумите, а преку нив граѓаните и полицијата.

Јас, пак, денеска ќе се осврнам само на неколку битни сегменти од секојдневното работење по кои ќе ја паметам 2022 година. На самиот почеток реков дека ова беше година на предизвици. Кризата со Ковид-19 се трансформираше во друга глобална криза која не нѐ одмина, по отпочнување на агресијата на Русија во Украина, со оглед на фактот што живееме во времето на брзи промени како ‘новото нормално за светот’. Имајќи предвид дека околината се менува, технологијата брзо се развива и го обликува светот, кој се базира на комуникации, размена на информации, употреба на вештачка интелигенција, климатски промени, миграции – сето тоа, влијае врз националната и глобалната безбедност, па аналогно на тоа и врз креирањето на нашите и на светските политики, барајќи брза размена на податоци и прецизен одговор од сите. И, со тоа сме согласни сите – како во регионот, така и на ниво на ЕУ и пошироко.

Последните месеци од годината бевме сведоци на еден современ феномен на хибридни напади, кои покрај државите во регионот, други земји од Европа, вклучувајќи ги тука и САД, Канада, Нов Зеланд, не ја заобиколија ни нашата држава… Еволуцијата на криминалот, кој сега доаѓа без лице и без идентитет, ги брише границите и има способност во исто време да е на повеќе места, бара поагресивен заеднички одговор. Притоа, станува збор за исклучително комплексни истражни дејства поврзани со меѓународна размена на информации и поддршка, како и со барања за мeѓународна правна помош. А благодарение на вас, медиумите, на вашето навремено и брзо информирање, кои заедно со граѓаните создадовте широк фронт во кој сите сме партнери, креаторите на оваа хибридна војна не успеваат во целта – да создадат паника, страв и крах на системот. Затоа, ова ќе ни остане еден од врвните приоритети и во идната 2023 година.

Сепак, 2022 година ќе ми остане запаметена и по неколку убави работи. По 17 години од добивањето на кандидатскиот статус, земјава ги почна пристапните преговори со Европската Унија, со отпочнување на скринингот на европското законодавство, како прв чекор во процесот, кој и МВР го започна и засега успешно го реализира. И во Извештајот за напредок на ЕК, во делот на Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, чиј носител е Министерството за внатрешни работи, на мое задоволство, се бележи напредок особено во имплементацијата на Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот, во борбата против трговијата со дрога, во донесувањето стратешки документи од областа на граничното управување и миграцијата, се бележи напредок и во унапредувањето на капацитетот за финансиски истраги, како и во меѓународната полициска соработка.

Годинава ја имав честа да го потпишам и договорот ФРОНТЕКС со еврокомесарката Јохансон, на 26 октомври, тука во Скопје, на македонски јазик без фусноти, кој е првиот официјален Договор потпишан помеѓу нашата држава и ЕУ по започнувањето на преговорите, а овој месец со еврокомесарката Јохансон, го потпишав и вториот документ со Европската Комисија поврзан токму со Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот во Западен Балкан.

Нашиот приоритетен интерес за приклучување во европските структури налагаше и поголем број активности кои ќе донесат поголема видливост на државата на меѓународната сцена и добри односи со другите држави. Во таа насока е приклучувањето кон меѓународни безбедносни иницијативи и регионални асоцијации, пред сè, од областа на внатрешните работи, како и продлабочена соработка, на ниво на полиции и институции, согласно она што предмалку го напоменав – брза размена на податоци околу новите форми на криминал со кој се соочува светот. Но, она што ми остана како впечаток од сите тие средби, конференции и собири е признанието што МВР, македонската полиција и нашата држава го добива од светот кој нѐ оценува не само како кредибилен партнер, туку според меѓународната заедница Северна Македонија претставува регионален лидер за соработка во областа на сузбивање на криминалот и подобрување на безбедноста, како мост во Западен Балкан, уште една потврда за амбициозните реформи во полицијата во изминатиов период, но и успешната меѓународна соработка на земјата.

Во основа, не станува збор само за нивната перцепција. И статистиката говори за стабилизација и намалувачки трендови на криминалните области, со 6% намалување на вкупниот криминалитет, а зголемена ефикасност на полицијата, при што откриените кривични дела од организиран криминал бележат зголемување од 40%, дури 70% бележиме зголемување на откриените дела поврзани со криумчарење мигранти, а зголемување за 28% имаме и во спречените обиди за илегално преминување на државната граница. Одлични резултати постигнавме и во спречување на организираниот криминал и шверцот со наркотици. Сузбиени се вкупно 14 организирани криминални групи во кои членувале 66 лица, од кои 12 за недозволена трговија со дрога. Да потсетам, годинава МВР уништи најголема количина на наркотични супстанции и дрога досега во печките на скопска железара. Стануваше збор за над 10 тони дрога запленета до август оваа година и по основ на правосилни судски одлуки по завршени кривични постапки и по судски решенија за нејзино уништување. Од нив над 8,2 тона марихуана, околу 100 килограми на хероин, хашиш и кокаин, над илјада растенија, семки од канабис, како и 1,2 милиони парчиња психотропни супстанции, односно дрога која на црниот пазар би достигнала, според проценките, вкупна вредност од некаде 26 милиони евра.

Ова се само мал дел статистички податоци поврзани со зголемената ефективност на полицијата, за кои сум уверен дека се резултат на направените амбициозни и сериозни реформи, како на стратешко, така и на оперативно рамниште. Така, со промена на законската регулатива на двата матични закона – за внатрешни работи и за полиција, ги исполнивме препораките кои произлегуваат од Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг на тема „Спречување на корупцијата и промовирање на интегритет кај централната власт и органите за спроведување на законот, а притоа откривме 124 кривични дела поврзани со корупција, „тешки“ 227 милиони денари, чии сторители во најголем дел се вработени во државни институции и јавни установи и претпријатија. На ниво на МВР донесовме и Антикорупциската програма, чија цел е постигнување на антикорупциска култура кај вработените, градење на интегритет согласно европските стандарди, отстранување на условите за постоење на корупција во полицијата и непрофесионалното однесување.

Со реформските процеси на оперативно рамниште 2022 година ја завршуваме со завидна бројка од 78 комплетно реконструирани објекти, набавени униформи и опрема за сите организациони единици во МВР, трето зголемување на платата за 5% од 01.09.2022 во период од 6 години, како и исплатени бонус плати за околу 6.000 вработени, како бонус за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година.

Затоа, на мое големо задоволство, сега можеме да зборуваме за висока доверба кон полицијата од 50% отсто од испитаните во анкетата спроведена од Меѓународниот републикански институт, што докажува дека МВР е целосно реформирана демократска институција, која работи во полза на сите граѓани. Ако на ова се додаде и рангирањето на државата според Глобалниот индекс за мир во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот, а како најбезбедна држава во Западен Балкан, тогаш можеме со задоволство да го потврдиме континуираниот напредок.

Сепак, не можам, а да не споделам со вас дека оваа нагорна линија колку што е резултат на спроведувањето на поставените приоритети на ова раководство, подеднакво е заслуга на вработените во институцијата која претставува гарант на безбедноста и сигурноста, но и на вас, медиумите, и граѓаните, генерално. Без вашата поддршка и здрава, издржана критика, без партнерството кое го градиме веќе шеста година со вас и со граѓаните, резултатите немаше да бидат ни толку евидентни, ниту континуирани – за што од срце ви благодарам!

Видео инсерти:

Видео обраќање Спасовски:

Видео презентација резултати на МВР 2022:

Видео презентација резултати на БЈБ 2022: