25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Влогот во Буџетот за одбрана е влог во мирот, стабилноста и безбедноста на граѓаните

Премиерот Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерката за одбрана Славјанка Петровска, го презентираа предлог Буџетот за 2023 година. Ковачевски посочи дека со предложениот буџет за одбрана се зајакнува и модернизира Армијата и се вложува во безбедноста и сигурноста на граѓаните.

„За 2023 предвидовме буџет кој ќе придонесе за развој и модернизирање на одбраната согласно стандардите на земја членка на НАТО. Развојот во одбраната ќе придонесе за посовремена безбедност во однос на заканите кои ни ги носат геостратешките предизвици, а за кои имаме обврска да ги заштитиме нашите граѓани. Третина повисок буџет во одбраната значи влог во мирот и стабилноста на луѓето, а тоа е непроценливо.

Изминатава година Армијата покажа спремност да се носи со нашите сојузници и за тоа доби највисоки оценки, а нам ни помогна да сме сигурни во подготвеноста за заедничко делување во справувањето со современите безбедносни закани. Таа посветеност на нашата војска е поздравена и наградена. рече Ковачевски.

Кога само ќе се сетам во каква состојба ја најдовме Армијата во 2017, скинати униформи и чизми, дотраена опрема и незгрижени армиски припадници. Меѓународно изолирана и ранлива по многу основи.

Сето тоа е минато, со напорна работа и со многу труд посветен од страна на Министерството, го вративме пред се достоинството на Армијата, а одбраната ја издигнавме на ниво заслужно на една земја членка на НАТО Алијансата. И тоа ќе продолжиме да го правиме“, рече Ковачевски.

Уште една важна карактеристика на овој буџет, како што додаде, е грижата за вработените во Армијата.

„Важна ни е стабилноста на професионалните војници, па затоа ги зголемивме нивните примања. Стабилни и повисоки примања придонесуваат за задоволни војници, а воедно и ја прават службата поатрактивна за помладата генерација којашто доаѓа. Енергетската криза не мотивираше уште попосветено да се грижиме за заштедите на енергија и потрошувачка на долг рок. Затоа вложуваме над 16 милиони евра во енергетски ефикасни објекти на Министерството, Армијата и во касарните’, додаде Ковачевски.