Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со дел од раководството на МВР, одржа работна средба со раководствата на СВР Куманово и Регионалниот центар Север со цел согледување на сработеното како и лично запознавање со реализираните активности во 2022 година и со постигнатите резултати. На средбата министерот Спасовски беше информиран за безбедносната состојба на подрачјата на СВР Куманово и Регионалниот центар Север, состојбите со криминалитетот, како и активностите кои се преземаат, во насока на намалување на стапката на криминалитет, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел – подигнување на безбедноста и заштита на граѓаните. Министерот Спасовски напомена дека на територијата на СВР Куманово во периодот јануари – ноември 2022 година, споредбено со истиот период во 2021 година, вкупниот број на кривични дела бележи намалување за 13.3 %.
„Во истиот период во однос на активностите насочени кон спречување и откривање на недозволена трговија со дрога и оружје, СВР Куманово бележи зголемување во откривачкиот дел за 21.7 %. Позитивниот тренд во 11-те месеци годинава присутен е и во областа на безбедноста во сообраќајот. Само во месец ноември 2022 година споредбено со ноември 2021 бележиме намалување на вкупниот број на сообраќајни несреќи за 34,8%“, истакна Спасовски. За територијата која е во надлежност на Регионалниот центар Север Спасовски потсети дека во периодот јануари – ноември во 2022 година споредбено со истиот период минатата година постигнато зголемување во откривачката дејност на фалсификувани возила за 400%.
„Во делот на откривање на илегалната миграција годинава бележиме зголемување за 8,5 % на бројот на откриените илегални преминувања споредбено со 2021 година и зголемување на откривачката дејност за 15% за откриени случаи на криумчарење мигранти. Што се однесува за бесправна сеча и пустошење на шуми годинава имаме тренд на зголемување на откриената дрвна маса за 11%“, истакна министерот додавајќи дека во периодот јануари – ноември 2022 година споредбено со истиот период во 2021 година се бележи тренд на зголемување на откриените случаи на прекуграничен криминал за 22,2 %. Министерот Спасовски изрази уверување дека и во наредниот период ќе се продолжи со зголемена динамика при реализација на превентивните активности, но и на репресивните мерки, па со добри резултати во поглед на ефикасноста ќе ја испратиме оваа година, што ќе биде дополнителен мотив за уште подобри резултати во годината што следи.