27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Обновливите извори на енергија се иднината и основата на енергетската трансформација на Северна Македонија

Премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот Драган Анастасов денеска ја посетија фабриката ТабМак во Пробиштип која за сопствени потреби има инсталирано една од поголемите фотонапонски централи во Република Северна Македонија.

Со над 15 илјади панели на 10 хектари и дополнителни 6.000 на кровната површина на погонот, оваа компанија во време на енергетска криза покрива 25 % од потребите за електрична енергија за производството.

„Таб Мак е компанија која ги следи и ги имплементира најновите производствени технологии и стандарди со кои ја збогатуваат понудата на квалитетни производи. И тоа е дел од нивната мисија. Но воедно, тие креираат и општествено одговорни политики кои се однесуваат на заштитата на животната средина и заштитата на здравјето на вработените, а секако и на зелената трансформација на државата. Токму во оваа насока е и нивната инвестиција во фотоволтаици на површина од 10 хектари. Со ова тие покриваат 25% од потребите за струја на производствениот погон. Верувам дека ова е и едно од нивните најисплатливи вложувања, посебно во услови на енергетска криза и исто така и во иднина верувам дека ќе продолжат со вложување во нови извори на електрична енергија”,изјави Ковачевски.

Тој истакна дека пред нас се големи стратешки енергетски проекти, како големата фотонапонска електрана во штипско, Стипион од 400 мегавати, која што се преговара во моментов со Владата и која што треба да биде модел на развој на агрикултура од реномираната француска компанија АКУО, како и изградбата на голема ветерна електрана Вирови, од реномираната германска компанија WPD. Исто така, очекувам до крајот на 2023 во системот да се вклучат до 300 мегавати сончеви електрани.

„Со правилна поддршка и правилно менаџирање, јас сум уверен дека можеме да ја трансформираме нашата прекрасна татковина во хаб на зелената енергија и да обезбедиме и енергетска ефикасност но и енергетска независност и да го снабдуваме регионот на крајот на денот со струја од обновливи извори.Ова е иднината, и не е недостижна. Ние веќе ги преземаме првите чекори и уверен сум дека ќе ја оствариме нашата визија и ќе обезбедиме вложување во индустриите на иднината кои ќе ни донесат повеќе работни места, подобро платени работни места, ќе ни донесат подобра заедничка иднина за сите”, рече Ковачевски.