Пиштолот што беше пронајден покрај безживотното тело на македонската државјанка Маја Јанеска, во Јужна Африка бил во сопственост на нејзиниот партнер, Кајл Филипс, кој, патем, е во тутунската индустрија, утврдила истрагата на јужноафриканската полиција која сè уште е во тек, објави порталот „Њуз24“. Јанеска викендот беше пронајдена со прострелна рана во главата, а Филипс, како што објавија медиуми во Јужна Африка, бил во куќата.
Порталот „Њуз24“, повикувајќи се на полициски избори, објави дека Филипс наводно одбил да се подложи на преглед од државен патолог кој е задолжен за спроведување на обдукцијата на Јанеска. Додека разговарале и се обидувале да утврдат дали има некакви траги по телото, се додава во веста на медиумот, тој „буквално бил опколен од своите телохранители“.
Смртта на Јанеска во оваа фаза од истрагата не се третира како сомнителен случај, иако нејзините роднини и блиски пријатели не веруваат дека станува збор за самоубиство.
Јанеска пред неколку денови била во земјава за прослава на признавањето на Македонија од Јужна Африка и за воспоставување на дипломатски односи меѓу двете земји во што и самата помогнала.
За време на престојот во Скопје, таа одржала и мотивациски говор пред студенти на ФОН на кои им раскажала како на 19-годишна возраст се преселила во Танзанија каде добила понуда да работи во хотел, го научила свахили јазикот и започнала кариера како стилистка и шминкерка.