„Чекаме да видиме кои се плановите на градоначалничката која се обидува да го видоизмени. Таа вели дека проектот не е прекинат, туку сака некакви измени. Може Владата да го преземе, затоа што Владата е гарант на тој кредит“ изјави министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во неговото гостување на Сител ТВ.
Сепак, тој кажа дека државата има започнато процес на зголемување на децентрализација, па Владата не би требало да се меша, туку општините и Градот Скопје треба да преземат уште повеќе ингеренции.
„Јавниот превоз е во рацете на Градот Скопје. Мерките на Владата не можат да донесат долгорочни благопријатни мерки. Тоа е спротивно на процесот на децентрализација кој сакаме да го засилиме уште повеќе. Нам не ни одговара револтот, овој револт е против Владата. Први избори кои следат се парламентарните и претседателските што значи на удар е Владата. Оваа политичка тенденција е со друга цел“, смета министерот за локална самоуправа.
Тој додаде дека со блокадите на градот штетата која граѓаните и бизнисите ја трпат станува поголема од долгот што приватните превозници го бараат од ЈСП и побара од ВМРО-ДПМНЕ, кои се уште се власт во Град Скопје преку советот да изнајдат решение за овој проблем.