23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Со новата праведна даночна реформа нема нови даноци, нема зголемени даноци и се укинува прогресивното оданочување

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за финансии, Фатмир Бесими го презентираа новиот Концепт на даночна реформа. Новата даночна реформа е дел од Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025), каде се утврдени главните цели на даночните реформи, поставени во пет приоритети. Целта на новиот Концепт на даночна реформа е праведен, ефикасен и модерен даночен систем кој овозможува за стабилни приходи, економски раст и подобри услуги за граѓаните.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Денес заедно со министерот Бесими ќе го претставиме новиот Концепт на даночна реформа, што го усвои Владата на денешната седница, а кој ќе се одвива во повеќе етапи, во интерес на прилагодување на сите засегнати страни.

Уште на почетокот сакам да ги напоменам најважните работи за граѓаните и за компаниите, а тоа е дека со овој нов концепт:

– НЕ СЕ ПРЕДВИДУВААТ НОВИ ДАНОЦИ,

– НЕ СЕ ПРЕДВИДУВА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ДАНОЦИТЕ, односно

– ДАНОКОТ НА ЛИЧЕН ДОХОД ОСТАНУВА СО ЕДНА СТАПКА ОД 10% И СЕ УКИНУВА ПРОГРЕСИВНОТО ОДАНОЧУВАЊЕ КОЕ ТРЕБАШЕ ДА СТАПИ НА СИЛА НА 01.01.2023 ГОДИНА,

– ДАНОКОТ НА ДОБИВКА ОСТАНУВА 10% И НЕ СЕ ЗГОЛЕМУВА,

– ДАНОКОТ НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ ОСТАНУВА 18% И НЕ СЕ ЗГОЛЕМУВА

– Исто така, КАМАТИТЕ НА ДЕПОЗИТИТЕ И ШТЕДНИТЕ ВЛОГОВИ, НЕМА ДА СЕ ОДАНОЧУВААТ.

Овој нов концепт всушност значи РЕВИДИРАЊЕ НА ДАНОЧНИТЕ ОСЛОБОДУВАЊА, ПРОШИРУВАЊЕ НА ДАНОЧНАТА ОСНОВА И КРАЈНО СУЗБИВАЊЕ НА НЕФОРМАЛНАТА ЕКОНОМИЈА.

Со ова, резултатот од новиот Концепт ќе биде одржливи и повисоки стапки на економски раст, но и транспарентно управување со јавните финансии, што е особено важен во услови на оваа најголема економска криза.

Она што би сакал да го напоменам е дека оваа даночна реформа е дел од Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025), каде се утврдени главните цели на даночните реформи, поставени во пет приоритети.

Како прв приоритет во Стратегијата се наведува поголемата праведност во оданочувањето, односно секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот.

Вториот приоритет е поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, третиот приоритет се однесува на зголемена даночна транспарентност, четвртиот приоритет е подобар квалитет на услугите и петтиот приоритет е еколошко („зелено“) оданочување, односно стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување и активностите кои придонесуваат за загадување, користење на обновливи извори на енергија, заштита на природните ресурси и поттикнување одржлив економски развој, како и подобрување на квалитетот на животот.

Нашата визија оттука е да креираме праведен, ефикасен, модерен даночен систем, кој ќе има улога во одржување на здрави макроекономски фундаменти, ќе го поддржи економскиот развој, ќе даде поддршка во општествено корисните процеси, па дури и ќе има корективна улога, како во случајот со зелените даноци.

Со цел да дојдеме до оптимално решение кое ќе ја следи оваа визија, кон целиот овој процес како Влада пристапивме многу детално, аналитички, со бројни емпириски истражувања како и пресметки.

Овој концепт е направен во инклузивен процес, Министерството за финансии овозможи отворена дискусија и дебата, размена на мислења со експертската јавност, академската заедница, бизнис-заедницата, синдикатите, невладиниот сектор, чинителите на политичката сцена во земјава, како и политичките партии.

Концептот кој денеска го презентираме всушност содржи повеќе решенија кои произлегоа токму од овие дебати и консултации.

Подготовката на реформите на даночната политика беше исто така направена и во консултација и со меѓународните финансиски институции. Процесот трае веќе подолг период, темелен е, инклузивен и е во најдобар интерес за граѓаните, стопанството и идниот економски развој на земјата.

Пред да навлеземе во конкретните решенија, би сакал се осврнам на повеќе важни аспекти, како што се контекстот и потребата, но и стратегијата.

Во изминатите три години нашата економија, како и најголем број од економиите во светот поминува низ најкрупните економски предизвици во модерната историја. Пандемијата, енергетската криза, војната во Украина, ценовната криза и високата инфлација се неколкуте последователни кризи кои бараа одлучни политики и активности од страна на Владата.

Енергичниот одговор на Владата на сите овие кризи преку пакетите на антикризни мерки беше оценет позитивно од страна на меѓународните финансиски институции. Во последниот извештај на ММФ се посочува дека политиките и мерките на Владата се навремени и ефективни, како и дека водиме здрави економски политики.

Токму во таа насока, како приоритет во јавните финансии ја поставуваме фискалната консолидација. Донесовме План за фискална одржливост, во кој има повеќе мерки за намалување на расходната страна, но исто така потребно е да се делува и на приходната страна на билансот.

Податоците покажуваат дека наплатата на даноците како процент од БДП кај нас, е под процентот на земјите во регионот и воедно е далеку под просекот на земјите во ЕУ и развиените земји.

Само за илустрација, во однос на земјите од Западен Балкан, имаме убедливо најмало даночно оптоварување. Во 2020 година учеството на даночните приходи во БДП кај нас изнесуваше 16,1%, во Црна Гора 23%, Косово 22,3%, Србија 20,1% и Албанија 17,3%.

Вие и самите знаете дека даночниот систем односно уделот на даночните приходите во БДП е значаен за економскиот раст и намалување на сиромаштијата. Тоа е практично гаранцијата дека државите располагаат со потребните средства за да инвестираат во иднината и за да постигнат одржлив економски раст.

Согласно ова, преку даночната реформа, ние треба да адресираме две работи. Првата е сивата економија, додека втората е дизајнирање на праведен, ефикасен и ефективен даночен систем.

Добро поставен даночен систем ја прави таканаречената „сива зона“ непривлечна за граѓаните и фирмите. Но, за тој да е ефикасен и ефективен и за да биде добра основа за сузбивање на сивата економија, пред сé мора да биде праведен.

Затоа, клучниот збор, клучната карактеристика овој нов даночен систем е ПРАВЕДНОСТА. Воспоставувањето на праведен и ефикасен даночен систем, со современи дигитални технологии и иновации во процесот на оданочување ни беше приоритет и во таа насока и делувавме. Токму на ова и се темели и реформата која нашата Влада ја предлага.

Целиот Концепт е поделен на четири групи, кои се однесуваат на различни категории, но, целта е иста – стабилни приходи и правично оданочување!

Мерките од првата група се однесуваат на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Односно се однесуваат на законски решенија со кои се проширува даночната база и се таргетираат дел од даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем. Со ова ги остваруваме заложбите за воспоставување на еднаков даночен третман на сите даночни обврзници, без оглед на видот на доход кој го остваруваат или инвестициските одлуки кои ги донесуваат.

Нема да навлегувам во деталите, тоа ќе го објасни министерот за финансии Бесими, во оваа група ќе посочам едно од решенијата за кое што имаше дебата изминатиот период, тоа е прогресивното оданочување.

Новината е дека од следната година нема да се применува прогресивно оданочување. Конкретно, тој концепт на прогресивно оданочување се укинува и продолжува примената на оданочување на остварениот доход со единствена стапка од 10 %, што е и одговор на барањата од деловната заедница, но и на граѓаните кои ги споделија со нас во текот на јавната расправа.

Втората група мерки подразбира измени на законите со кои се опфаќаат даноците и даночните политики со кои ќе се намали административниот товар за даночните обврзници, но и за Управата за јавни приходи. Со овие решенија ќе се спречи злоупотреба на даночно ослободување и даночна евазија.

На пример, со новиот концепт, се утврдува механизам со кој ќе се оневозможи злоупотреба на системот за ослободување од данок на добивка при реинвестирање. Задолжувањата при злоупотреба, односно казните ако можам така да ги наречам, би биле петкратно повисоки од самото искористено ослободување од данок на добивка.

Третата група на мерки од новиот Концепт се однесува на измена на неколку законски решенија кои содржат даночни прашања. Тоа се Законот за вработување на инвалидни лица и Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, како и мерки за кои е потребно донесување на нов закон за доброволно социјално осигурување.

Министерот за финансии во своето излагање подетално ќе се осврне на целите кои како Влада ги остваруваме со овие законски измени, но јас тука би посочил дека, со новиот концепт предлагаме и соодветно решение и за хонорарците. Со ова решение, хонорарците доколку сакаат, на доброволна основа, односно по сопствена волја, ќе можат самостојно да ги регулираат придонесите за пензиско и здравствено осигурување.

Имајќи ја во предвид природата на нивната работа каде нема постојана динамика на ангажмани и заработка, она што се предлага е креирање на дигитална платформа на која хонорарците ќе можат да се регистрираат и да изберат од неколкуте опции со кои би имале здравствено и пензиско осигурување, повторувам на доброволна основа.

Ова решение би се имплементирано понатаму, преку посебен закон за социјално осигурување на доброволна основа, кој би се применувал од 01.01.2024 година и тоа по развој и имплементација на платформата за регистрирање на т.н. фриленсери.

Во четвртата група на даночни решенија се опфатени неколку нови иницијативи во делот на данокот на додадена вредност, односно во регулатива за повластени даночни стапки.

Една од новините во оваа група мерки е намалувањето на стапката на ДДВ од 18% на 5% за производи за менструална хигиена како наш придонес во борбата со менструална сиромаштија. Имено, врз основа на иницијативите од страна на група пратеници како и од граѓанскиот сектор, со новиот концепт на даночна реформа направивме решение кое ќе овозможи поголема достапност на овие производи до сите жени и девојки независно од економската положба и куповната моќ.

Во овој дел со новини, исто така се разгледува можноста да воведеме привремено оданочување на Екстра профитите, односно дополнително оданочување на профитот од најголемите компании кои имаат генерирано надпросечни профити во време на енергетската криза. Оваа новина би била уредена со посебен закон и во моментов е во фаза на разгледување, а сите детали ќе бидат искомуницирани со јавноста во наредниот период.

Тука би привршил, знам дека ова излагање беше малку подолго, но сепак, имаме нов Концепт на даночни реформи со кои за прв пат имаме детално дефинирање на сеопфатен и правичен систем на оданочување.

Свесни сме дека една од најтешките работи и реално најнепопуларни работи е реформа на даночниот систем. Сепак сите показатели ја дадоа насоката дека е време за нови мерки во сферата на даноците. Мерки кои ќе овозможат и консолидирање во време на криза, но и ќе обезбедат поголеми приходи и подобар живот за нашите граѓани. Нема дилема дека ни се потребни овие реформи.

И за да нема недоразбирања, сето ова кое денес го зборуваме, значи дека преку правично оданочување ќе се менаџира со буџетската каса, а парите од даночните приходи ќе се насочуваат таму каде што е најпотребно – развој на економијата преку инвестиции во инфраструктура, здравство, образование, квалитетни услуги за граѓаните.

Изминатиов период докажавме дека како одговорна Влада одговорно го менаџираме буџетот и ги враќаме парите кај граѓаните кога е најпотребно и тоа е принципот по кој и ќе продолжиме да работиме.

Овие решенија за кои зборуваме денес се оптимални решенија, кои се во интерес на економијата, но и на сите нас. Се водевме од начелото „најдобра вредност за сите граѓани“ и во овој концепт, мислам дека навистина тоа и го постигнавме.

Подетално за законските измени ќе се обрати министерот за финансии а министерката за труд и социјална политика а и директорката на УЈП се достапни тука за ваши новинарски прашања“.