25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

За долг од 2000 евра обид за убиство на жител на Велешта – Се договориле да се сретнат за да му ги врати парите, па се обидел да го убие со два куршуми

Основното јавно обвинителство Струга донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1, а во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

На 23 ноември, во Велешта, осомничениот се обидел да лиши од живот лице со кое односите му биле влошени поради должничко-доверителски обврски. Имено, оштетениот му должел 2.000 евра на осомничениот и се договориле да се сретнат за да му ги даде. Но, помеѓу нив, најпрвин настанала расправија околу враќањето на парите, а потоа осомничениот го турнал оштетениот и од засега непознато оружје испукал кон него два куршуми. Од истрелите, оштетениот се здобил со тешки телесни повреди – огнострелни рани во градниот кош, абдоменот и колкот.

Веднаш потоа осомничениот избегал, а оштетениот успеал да се јави кај неговата сопруга која повикала итна медицинска помош.

Оценувајќи дека постои опасност од бегство и можност осомничениот да влијае врз сведоците и оштетените, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор.