Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски ја посети „Актива“, компанија со домашен капитал која две децении е етаблирана во металопреработувачката индустрија, а од 2014 година влегува и во сегментот на автомобилската индустрија.
Компанијата е корисник на мерка од Законот за финансиска поддршка на инвестициите за петгодишен инвестициски проект започнат во 2018 година, со вредност од 5 милиони евра и имаат 580 вработени.
„Поддршката на компаниите во реализирањето на нови инвестициски проекти и во зајакнувањето на нивната конкурентност е наша определба, бидејќи на тој начин се засилува економскиот раст и развој на земјава, расте БДП, и крајно се подигнува животниот стандард на граѓаните. Оваа година се потпишани нови 277 договори за поддршка со компании кои влегуваат во инвестициски циклуси од околу 145 милиони евра и ќе креираат повеќе од 3.700 работни места во наредните 5 години или до завршувањето на нивните договори. Само во 2021 година овие 277 компании, инвестирале околу 50 милиони евра и креирале над 1.500 нови работни места. Преку овој Закон во изминатите 5 години, колку што се спроведува оваа мерка, склучени се договори за поддршка со 630 компании.
Владата креира поволен деловен амбиент и ги поддржува еднакво како странските, така и домашните инвеститори. За нас се сите важни, сите кои инвестираат, кои создаваат нова економска вредност и работни места. Целта е во оваа криза заеднички да ја пребродиме да се отвораат подобро платени работни места, а компаниите да инвестираат, да се осовременуваат, да бидат продуктивни и конкурентни на европските пазари“, рече Ковачевски и дода дека нашите компании уште еднаш покажаа колку се агилни и во вакви тешки времиња инвестираат во подобрување на нивната конкурентност, нивните продукти, воведување нови производствени линии заради зголемена ефикасност и продуктивност.
Зоран Илиевски, менаџер на „Актива“ рече дека континуирано го зголемуваат производството и вработените и извезуваат за „Тисен Круп“, „Ван Хол“ и „Фастглобал Солушн“.
„Пребродувајќи ги здравствената и енергетската криза успешно покажеме дека како домашна компанија кои што ги користи субвенциите на Владата за капитални инвестиции сме успеале после 2021 година и корона кризата да го зголемиме производството за 60%. Успеавме да го зголемиме бројот на вработени на повеќе од 30%, односно имаме вкупно 580 вработени и со тоа да заокружиме еден процес кој ни отвора нови можности за да можеме да ги покриваме пазарите од Европа и од светот“, рече Илиевски.