Во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21, вечерва, министерот Оливер Спасовски рече дека наскоро ќе има резултати од истрагата за лажните најави за бомби,кои создаваат немир во јавноста веќе подолго време, а кои започнаа со автобусите на ЈСП, а продолжија со средните училишта.
„Како што кажав и пред некој ден, ние сме сосема на крај со обезбедување на сите материјали и потврди за да имаме реализација и во овој дел“, рече Спасовски, додавајќи дека анализите за причините се во повеќе правци, од геостратешки, преку политички до економски, односно водени од бизнис интереси. Според министерот Спасовски, со оглед на фактот што целта на ваквите хибридни напади е да се предизвика вознемиреност, недоверба во институциите, страв и паника, не смее да се шпекулира, туку треба да се почека да се добијат сите информации, со потврдени факти и докази.
Во однос на наодите од истрагата, министерот Спасовски објасни дека станува збор најчесто за VPN адреси, а кога ќе се завршат сите проверки и ќе се утврдат фактите, ќе бидат идентификувани и сторителите, но и објавени мерките што против нив ќе се преземат.
„Во истрагата соработувавме со сите наши партнери, со Интерпол, со Европол, сите механизми кои помагаат во истражниот процес. Сигурно е дека постои мотив, а на крај ќе видиме и кој точно бил мотивот“, подвлече Спасовски.