24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Шпионски скандал ја тресе опозицијата?: “Полицаец од Прилеп снимал возило на АНБ на задача и сликите ги праќал во ВМРО-ДПМНЕ, ќе има пријава”

Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, по седницата на собраниската комисија на која даваше отчет за случајот „Онишченко“, изјави дека АНБ е во консултации со надлежните органи за кривично гонење околу објавените фотографии и иницијали од оперативци на агенцијата, кои во јавност ги сподели ВМРО-ДПМНЕ.

Се работи за објавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки од пред две недели, во која тој прикажа фотографија од службено возило на АНБ во Прилеп, како доказ дека оперативци на агенцијата биле во градот истиот ден кога таму беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ковачки ја обвини државната безбедносна агенција дека Мицкоски е под нејзин постојан надзор.

Директорот на АНБ рече дека ниту еден политичар не е следен или прислушуван од АНБ, а за фотографиите наведе дека агентите на АНБ биле во Прилеп на службена задача поврзана со безбедноста на државата. Без да спомнува имиња, Димовски посочи дека Агенцијата во врска со ова е во консултации со надлежните органи за кривично гонење и се надева оти овој случај ќе се заврши со пријава за оддавање класифицирана информација.

„Беше излезено во медиумите дека тројца оперативци на АНБ престојувале во Прилеп кога таму бил претседателот на главната опозициска партија, притоа на тој електронски медиум беше објавена фотографија на возило со делумно покриена регистрација и иницијали, односно малку повеќе од само иницијали на тројцата оперативци на АНБ. Тоа претставува одавање класифицирана информација и тоа беше направено од припадник на таа политичка партија кој долги години бил во безбедносните структури и кој е сега заменик-претседател на оваа комисија“, рече Димовски, мислејќи на Комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање во Собранието.

Директорот откри дека по извршените проверки, било утврдено дека фотографијата од возилото ја направил и ја доставил до партијата поранешен припадник на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), инаку претходничка на АНБ, кој сега е полицаец.

„Констатиравме дека одредено лице, кое било поранешен припадник на УБК, а кое сега е припадник на МВР, го искористило моментот, го фотографирало возилото, го проследило на други нивоа кои искористиле да го објават. Иницирана е соодветна постапка, во МВР, Јавното обвинителство и веќе тече постапка и наскоро ќе излезат со информација зошто наведената структура го правела тоа“, рече Димовски.