Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, оствари средба со Сузана Шуц, директорката за Југоисточна Европа, Турција и земјите од ЕФТА во германското Министерство за надворешни работи.
На средбата беше разговарано за значењето на почетокот на преговори, за одвивањето на скрининг процесот, спроведувањето на реформите, за регионалната соработка и Берлинскиот процес.
– За нас е важно да ја имаме поддршката од земјите членки на ЕУ. Почетокот на преговорите со Унијата е заеднички успех, со кој отворивме нова страна на евроинтегративниот процес. Сега е најважно да останеме фокусирани на реформите и на процесот на преговори, рече Маричиќ.
Тој на средбата со Шуц се заблагодари за континуираната поддршка што ја имаме од Сојузна Република Германија и за препознавањето и вреднувањето на работата и посветеноста на оваа Влада на реформите.
Сузана Шуц рече дека за Германија интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и соработката во рамки на Берлинскиот процес остануваат приоритет и во наредниот период.
– Отворањето на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија е значаен чекор во политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, што е од стратешки интерес и за регионот и за Европа, истакна Шуц.
Соговорниците се согласија дека сега е сè во раце на Северна Македонија и дека е потребно да се посветиме на реформите и на исполнување на нашите обврски и на вистински начин да ја искористиме позитивната атмосфера во европските институции и помеѓу земјите членки.
На средбата зборуваа и за важноста од проактивноста на Берлинскиот процес, во вакви сложени геополитички околности, која отвора нова шанса за зајакнување на регионалната соработка и забрзување на евроинтегративниот процес.