27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМОЗАИК

(Видео) „Тиктокер“ сподели трик како да заспиете за две минути, луѓето воодушевени: функционира

Фитнес-гуру стана вирален на „Тик-ток“ откога сподели трик за заспивање за две минути.

Џастин Огустин, кој води популарен канал за вежбање на „Јутјуб“, сподели кратко видео со детали за техника на заспивање за која вели дека најчесто се користи во војската.

„Оваа техника е развиена во армијата за војниците да може да заспијат во секое време, на кое било место, дури и на бојното поле кога околината е крајно непријатна и бучна. Спиењето е пресудно за војникот“, вели фитнес-тренерот на почетокот на видеото, кое собра речиси три милиони прегледи и илјадници коментари од корисници.

Огустин објаснува дека неговото истражување покажало дека техниката е наменета првенствено за борбени пилоти, кои мораат да бидат 100 отсто фокусирани и да внимаваат на своите рефлекси и не може да си дозволат да немаат сон бидејќи е опасно. Потоа открива како функционира техниката.

„За почеток, треба да земете длабок здив и постепено да го опуштите секој дел од телото, еден по еден. Почнете со опуштање на мускулите на челото, а потоа опуштете ги очите, образите, вилицата и фокусирајте се на дишењето. Следуваат вратот и рамената. Внимавајте рамената да не се затегнати: спуштете ги колку што можете пониско и држете ги рацете отпуштени“, опишува „тиктокерот“.

„Откако ќе се опуштите, обидете се да замислите нешто убаво и обидете се да ги заборавите сите стресови што ви го окупираат умот“.

Тој исто така им понуди на гледачите две сценарија, кои тие би можеле да ги замислат додека се обидуваат да заспијат.

„Прво, можете да замислите дека лежите во чамец на мирно езеро со чисто сино небо над вас. Почувствувајте како вашиот ум се придвижува кон нешто друго, повторете си 10 секунди: „не размислувај, не размислувај, не размислувај“.

Тој додаде дека техниката треба да се практикува секоја вечер најмалку шест недели за да се видат резултатите. Според Агустин, 96 отсто од луѓето што ја совладале оваа техника може да заспијат две минути по затворањето на очите.

Луѓето што ја следат на социјалната мрежа се воодушевени: „Дефинитивно, функционира“, „Бев во војска и така ме учеа“, „Имав професор по психологија на колеџот, кој беше ветеран. Тој нè научи на ова. Дефинитивно, функционира“, „Мојот доктор ме научи на оваа техника кога имав ПТСН-несоница. Верувајте ми, функционира ако ја вежбате секоја вечер“, се само дел од коментарите на корисниците на „Тик-ток“.