25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски на Министерската Конференција на Меѓународната организација за миграции: Заедно со меѓународните партнери ги јакнеме националните системи за управување со границите и миграцијата

Денеска, (15.11.2022), во Хотел Лимак започна дводневната Министерската Конференција за одржливо управување со миграции во Западен Балкан во соорганизација на МВР со Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), а на која присуствуваат министри за внатрешни работи од регионот. Со свои обраќање учествуваат министерот за внатрешни работи на РСМ, Оливер Спасовски, Постојан координатор на ОН во Северна Македонија, Росана Дуџиак, Генерален директор на ИОМ, Антонио Виторино, а свое видео обраќање имаа и Прв заменик премиер и Министер за внатрешни работи на Чешка Република, Вит Ракушан, како и Европскиот комесар за добрососедство, Оливер Вархеји.

Министерот Спасовски на почетокот од своето обраќање, во свое и во име на МВР посака добредојде во Република Северна Македонија на високите гости, колеги министри со кои овие два дена ќе учествуваат на Министерската конференција заеднички организирана со Меѓународната мисија за миграции (ИОМ), а во рамки на Чешкото претседавање со Советот на Европската унија.

„Важноста која МВР ја придава на меѓународната соработка и на стратешко и на оперативно ниво во менаџирањето на миграциските текови, е дотолку поголема бидејќи има повеќе проекти кои се реализираат во МВР, токму со поддршка или во соработка со ИОМ, со агенциите на Обединетите нации, и со други партнери кои имаат за цел да придонесат кон подобро владеење со миграцијата, зајакнати национални системи за управување со миграции и реадмисија, ефикасно управување со границите и справување со прекуграничните безбедносни ризици”, истакна министерот Спасовски во поздравното обраќање пред присутните.

Во продолжение интегрално обраќање на министерот Спасовски:

Почитуван Прв Заменик Премиер и Министер за внатрешни работи на Чешката Република,

Почитуван Генерален Директор на Меѓународната организација за миграции,

Почитуван Комесар за добрососедство и проширување,

Почитуван координатор на Обединетите нации во Северна Македонија,

Почитувани колеги,

Почитувани Заменици министри и шефови на делегации,

Дами и господа,

Дозволете ми да ве поздравам во мое лично име и во име на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, а воедно и да ви посакам добредојде во Република Северна Македонија и на оваа конференција заеднички организирана со Меѓународната мисија за миграции, а во рамки на Чешкото претседавање со Советот на Европската унија. Ми претставува чест да ви се обратам како домаќин на овој настан, но и да ви се заблагодарам за вашето присуство, учество и посветеност на меѓународната соработка во областа на менаџирањето на миграциските текови во регионот и надвор од него.

Многу пати досега е истакнато дека менаџирањето на миграцијата е комплексен безбедносен предизвик, со кој се соочуваме и како држава и како регион во целина, бидејќи Балканскиот полуостров е дел од природниот коридор и крстосница на мигрантските рути и под-рути кои водат од Азија и Африка кон Централна и Западна Европа.

Верувам ќе се сложите со мене дека нелегалните миграции се секојдневна тема на дискусија и дејствување на полициските служби во нашиот регион и во Европа, каде притисокот и транзитот на нелегалната миграција преку западно – балканската рута и во 2022 година останува висок, а криминалниот пазар со криумчарење мигранти поради побарувачката за криминални услуги и понатаму е привлечен и профитабилен за криминалните групи. И низ т.н. Балканска рута, регистрираме мрежи на организирани криминални групи кои ги користат сите можности за да се стекнат со големи суми на пари заработени на криминален начин.

Секако актуелните воени и политичко безбедносни кризи на Блискиот и Средниот исток, неповолната економска и социјална состојба во матичните земји влијаат за влез и транзит на нелегални мигранти низ нашата земја. Од друга страна, годинава го имаме и развојот на украинската криза која долгорочно ќе влијае на геополитичката стабилност и одржувањето на безбедноста во светски рамки.

На нашата јужна граница веќе седум години споделуваме искуство на заедничко работење со странски полициски службеници преку континуираното имплементирање на меѓународната заедничка операција со помош на ИОМ во која учествуваат колеги од осум европски земји, од кои седум се членки на Европската Унија со максимален број од 160 распоредени странски полициски службеници.

Потпишувањето на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија што со гордост го промовираме во последниов месец и на меѓународно и на национално ниво за нас има повеќе значења. Пред се, по ратификација на Договорот, со цел обединување на силите и зајакната координација, се отвора можноста за распоредување на персонал на Фронтекс на наша територија. Со тоа дополнително ќе бидат регулирани и прецизирани политиките и практиките за заштита на границите, што, пак, ќе придонесе за јакнење на капацитетите за контрола на миграциите, особено на нелегалните. Истото несомнено ќе доведе до одржливи и трајни решенија во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал, посигурни граници и поголема безбедност на нашите граѓани и граѓаните на Унијата.

Дозволете, воедно накратко да ја истакнам важноста која Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија ја придава на меѓународната соработка и на стратешко и на оперативно ниво во менаџирањето на миграциските текови. Во оваа насока, би рекол и дека има повеќе проекти кои се реализираат во Министерството, токму со поддршка или во соработка со ИОМ, со агенциите на Обединетите нации, и со други партнери кои имаат за цел да придонесат кон подобро владеење со миграцијата, зајакнати национални системи за управување со миграции и реадмисија, ефикасно управување со границите и справување со прекуграничните безбедносни ризици.

Почитувани,

Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи со својот проактивен и отворен пристап, остануваат да бидат активен и кредибилен партнер во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси. Во делот на миграцијата, главен приоритет на МВР е одржување и продлабочување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и со земјите на потекло, како и со агенциите на ЕУ, ОН и други релевантни меѓународни организации.

Уште еднаш би сакал да потенцирам дека мораме да продолжиме како одговорни институции да го градиме капацитетот за одржливо управување со миграциите. Мораме да вложуваме во дополнителна обука на органите за спроведување на законот, да продолжиме да инвестираме во материјално-техничките средства, особено во информациските технологии кои може значително да помогнат во одговорот во оваа област.

Клучна активност на нашиот пат натаму во одржливото управување со миграциите во Западен Балкан претставува напредокот во реализирање на меѓународната прекугранична соработка, зацврстена меѓународна доверба, зголемена размена на информации, која е најдобар доказ за нашата подготвеност да го направиме безбедносниот амбиент уште поповолен, а со тоа и напредокот во европските интеграции уште побрз.

Наместо заклучок, би сакал да ја изразам мојата благодарност до Меѓународната организација за миграции за нивната досегашна поддршка на Министерството за внатрешни работи, како и за организирањето на оваа конференција. Искрена благодарност упатувам и до Министерството за внатрешни работи на Чешката Република за нивната несебична и континуирана поддршка во справувањето со миграциите од самиот почеток на миграциската криза до денес.

На самиот крај, дозволете ми уште еднаш да ви посакам добредојде во Скопје и да посакам успешна и конструктивна дискусија и натамошна соработка.

Ви благодарам.