22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНОИЗБОР

Славески: Со неверување ја добив веста за бркање на првиот синдикалец во „Водовод“ од Арсовска

Со неверување ја добив веста за бркање на првиот синдикалец во Водовод од Арсовска, останувањето без работа поради изнесен став е нецивилизиран чин, рече претседателот на Совет во Град Скопје, Трајко Славески кој неодамна имаше конфликт во Советот со градоначалничката која го нарече „Хитлер“.

„Обвинуваат за Хитлер, а се однесуваат како него. Обвинуваат за деспот, а применуваат деспотски методи. Со неверување ја добив веста дека претседателот на синдикатот во ЈП Водовод и канализација е избркан од работа. Без разлика кои причини ќе ги наведе градоначалничката Арсовска, и не спорам дека тука ќе бидат креативни во обвинувањата, и без разлика дали некој се согласува со ставовите на синдикатот или не, бркањето од работа поради изразен став и поради борба за заштита на работнички права го сметам за нецивилизиран чин на самоволие и дрско нарушување на интегритетот на работничките права и на работниците воопшто“, вели Славевски.

Бруталното замолчување на гласот на синдикалното движење, додава првиот човек на градскиот совет, е одлика на исплашен систем, кој масовно ги крши правата. Ваквата одлука, вели тој, е спротивна на неговите уверувања како претседател на Совет на град Скопје, а верува дека е спротивна и на огромното мнозинство советници чиј интегритет и заштита на верувањата се во преден план.

„Тоа не е начинот на кој градот треба да се води, преку газење на слободата и правата на другите, колку и тие да се различни и спротивни. Колку и да е тажно, ова буди асоцијации на некои од најмрачните времиња од историјата на ХХ-тиот век. На 2. мај 1933 година беа окупирани канцелариите на синдикатите во Германија, беа конфискувани нивните средства и синдикатите беа официјално укинати, а нивните лидери уапсени. Голем број синдикални лидери беа претепани и испратени во концентрациони кампови, вклучително и такви кои претходно се беа согласиле на соработка со Нацистите. Погазувањето на синдикалните права на работниците заслужува најостра осуда! Тоа е нешто во што силно верувам“, додаде Славевски.

Вчера Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објави дека претседателот на синдикалната организација на „Водовод и канализација” Стојанче Кашински добил отказ од страна на в.д. директорот на претпријатието Марјанче Митовски.

„Отказот е даден пора­ди тоа што конфликтн­иот Митовски лошо см­ислил дека работникот Стојанче Кашиковски е должен да извршу­ва работни задачи и обврски за време на годишен одмор, а еди­нствено одговорно ли­це кај правното лице​согласно Статутот на ЈП ‘Вододовод и канализација’ Скопје за извршување на тие задачи бил токму Мит­овски“, наведе синдикатот.