25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски од Струмица: Силно и одлучно кон иднината!

Интегрален текст од обраќањето на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски:

Добровечер Струмица, добровечер европска Струмица, добровечер симболу на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија!

Ова е победничка Струмица, вака ечат полните сали на македонските социјалдемократи!

Драги струмичани, Драги струмичанки, Ви благодарам за силната поддршка. Е затоа слоганот на овие наши трибини го носи името, силно и одлучно, кон иднината! Затоа што сите сме тука заедно, силно и одлучно да чекориме кон она што значи подобра иднина за нашите граѓани.

Оваа полна сала вечерва, како и полните сали на овие трибини на СДСМ ширум републиката испраќаат многу силна порака. Mене оваа поддршка многу ми значи.

Но, големината на СДСМ, не е само во полните сали. Големината на СДСМ е во државничките одлуки и во посветеноста за европската иднината на нашата преубава македонска татковина! И затоа секаде каде што одам кажувам дека 4 големи букви на Македонија, се СДСМ, Социјалдемократски сојуз на Македонија!

Затоа е чест и задоволство да се зборува за визијата на СДСМ, за мојата визија за иднината на македонската земја во град во којшто е втемелен слободарскиот, демократски и европски дух на нашата држава.

Ваша, наша Струмица е симболот на социјалдемократијата. Симболот на победите и успехот на СДСМ.

Така е денеска, но така е и години наназад.

Не случајно СДСМ победуваше во Струмица дури и тогаш кога беше најтешко, кога целата држава беше заробена од страна на ВМРО-ДПМНЕ цели 11 години, заробена цела држава, цели 11 години СДСМ победуваше во Струмица!

Затоа што, Струмица е олицетворение на што сме ние, социјалдемократите.

СДСМ е печатот на европска идеја и напредокот на оваа држава, од осамостојувањето до денеска. На тој пат ние чекориме 31 години и тој пат секогаш ние сме го предводеле.

СДСМ е дел од континуитетот на државничките одлуки во исполнување на македонските национални стратешките цели, кои што се поставени уште од независноста, пред 31 година.

Денес, јас и вие, со гордост можеме да кажеме дека сме континуитетот на Киро Глигоров со чија мудрост стекнавме независност по мирен пат, и во едно турбулентно време кога само Македонија беше „Оаза на мирот“ на Балканот.

Ние сме континуитет и на Бранко Црвенковски кој што обезбеди трансформацијата на општеството. Ние сме континуитет и на Радмила Шекеринска и Владо Бучковски со кои што добивме кандидатски статус на државата за ЕУ.

Ние сме континуитетот на Зоран Заев, на храбрите одлуки со кои станавме членка на НАТО, решивме децениски спорови и изградвиме Едно општество за сите, кое чекори напред.

31 година СДСМ е на вистинската страна на историјата и за тоа секој социјалдемократ, секој од вас овде присутен во оваа сала и секој оној кој што не е присутен во оваа сала, може да биде горд и да излезе на улица и на сите да им каже дека припаѓа на СДСМ, партија која секогаш ги носела најтешките одлуки за оваа држава, одлуки со кои што секогаш сме оделе напред и затоа со крената глава секогаш да одите напред гордо и да се гордеете што сте членови на оваа голема партија.

И нашата Социјалдемократска младина има на што да биде горда, 31 година на браникот на промените на општеството, среќен роденден СДММ! Во оваа држава има многу подмладоци, ама има само една младина, а тоа е СДММ! И денес на овој голем ден за младината седиме и гледаме слики како било пред 20 и кусур години и ништо не е променето во нашата визија, и јас и Јована и Миле и Зоран и Чеботарев го гледам тука, и уште другари што сме биле во младина сите уште истрајни на патот за градење на успешна и европска држава, 31 година СДММ ги дала државниците на оваа држава што ги носеле тешките одлуки. Само една разлика има, кај Јована, таа е повозрасна и поубава, Зоран задржа истата фризура само јас немам коса, а Миле има брада, тоа е само разлика.

Почитувани граѓани, другарки и другари,

Мојата визија е да создадеме економски силна, стабилна држава, полноправна членка на Европската унија. Тоа е концептот за европска Македонија.

Повикувам на силна, широка поддршка во тој европски пат и овој концепт. Ниту јас, ниту кој било друг поединец не може сам да ја оствари оваа национална, тридецениската заложба .

Јас сум подготвен да водам, да преземам силни и одлучни чекори, но ми треба и вашата поддршка. Заедно да го минеме тој пат и заедно да ја оствариме оваа стратешка и македонска национална цел – полноправно членство во ЕУ. Затоа што оваа држава тоа го заслужува и тоа го очекува ние да го направиме.

Знам дека за многумина надвор од оваа сала, но и за присутни овде, во салата, мислат дека сме платиле прескапа цена од одредени компромиси за патот кон ЕУ. Се прашуваат дали вредеше?

За мене и за премиерот пред мене, овие одлуки, овие компромиси беа тешки. И јас го делев чувството на народ и јас имав тежина кога преговарав со БГ, и Зоран кога преговараше со ГР, и кгоа се преговараше Францускиот предлог и таа тежина која што ја имаше нашиот народ ја имавме и сите ние, ама на крајот лидер мора да донесе одлука, а таа одлука мора да гледа кон иднината. Со прифаќањето на таа одлука обезбедивме преговори со ЕУ, обезбеедивме заштитен македонски јазик и идентитет, и зачекоривме напред во сигурна иднина за нашите идни генерации. И ме прашувааат, да треба пак да ја донесеш одлуката, дали ќе ја донесеш? Да треба уште 100 пати, уште 100 пати ќе ја донесам истата одлука.

Последниве неколку недели одам во градовите во Македонија. Имав прилика да ги слушнам луѓето и нивните рекации. Овие промени кои дојдоа од договорот од Преспа и францускиот предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ, се сигурно преголем залак за голтање за многу луѓе.

Многу попријатно и полесно ќе беше да ја оставевме да тера работата како што е, да не менуваме ништо, да ја оставиме иднината на Македонија во неизвесност.

Но, јас зборувам искрено и еве разговараме гледајќи ве во очи тука, во Струмица сите вас.

Сакаме ли на нашите македонски деца и внуци да обезбедиме мирно море, сигурна, стабилна и извесна европска иднина?Или сакаме да им оставиме проблеми, нерешени прашања и неизвесност?

Дали сакаме да најдеме начин како, нашиот уникатен македонски идентитет да го потврдиме и да го однесеме во ЕУ? Наша македонска традиција, култура, храна, песна, ќе го збогатиме комплексниот европски идентитет.

Или пак сакаме да останеме заглавени тука, изолирани, непризнаени од никој, вратени назад во времето и во некои мрачни времиња на неизвесност?

Одговорот на овие прашања го дава и мојот одговор на прашањето дали вредеше и дали вреди.

Стојам пред вас, и пак ви повторувам и со сета одговорност што ја носам и чувствувам ви велам, ви тврдам: ДА, вредеше, ДА вреди!

ВО оваа држава има два концепти, едниот концепт е тој на чие чело стојам јас, СДСМ и коалиционите партнери, тој концепт е со дигната глава, со горд народ, со признаен македонски јазик, со заштитен македонски идентитет, со заштитени културни обележја на нашиот народ, гордо да седиме на големата маса во Брисел и да преговараме за нашето членство во ЕУ. Другиот концепт е концепт на лажна гордост, кој што го гледавме 11 години во оваа држава, концепт на лажна гордост, каде што сами, изолирани, раскарани внатре, раскарани со соседите ќе седиме на мала маса и нема да мрднеме еден милиметар кон ЕУ, е затоа е разликата помеѓу овие два концепти и затоа сум убеден дека нашиот концепт е победничкиот концепт и за сегашната, и за идните генерации на оваа држава.

Низ многу премрежја во минатото минал овој наш македонски народ, заедно со сите други наши сограѓаните од сите други заедници. Ова парче земја видело многу неправди во историјата.

Сега имаме шанси на се да ставиме крај, да се обезбедиме за век и на век, еднаш засекогаш, да станеме дел од големото европско семејство државотворни народи.Да бидеме дел од ЕУ како Македонци, со заштитен идентитет и македонски јазик. И што е исто така важно, побогати.

Знам дека патот до ЕУ ќе биде тежок, никој не кажа дека ќе биде лесно, ќе постојат преговори, ќе има пречки, ќе има предизвици, но на крајот на тој тежок пат е големата награда, а големата награда е полноправно членство во ЕУ и да имаме народ кој што ќе биде побогат и нашите деца да работат во ЕУ, да работат во европска земја, ама тука, да работат тука во наша С. Македонија членка на ЕУ, а не да работат во ЕУ во туѓи држави по Германија, и по Италија и по Франција. Затоа стоиме ние гордо на чело на овој концепт, заради нашите деца и заради нашите внуци кои што доаѓаат после нас.

Нема асимилација, нема бугаризација, нема бришење на македонскиот јазик. Тие скапи лаги пропагирани од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и неговиот другар Апасиев и Левица, силно поддржани од трети центри на моќ се потопени.

После 17 години минати во чекалницата започнавме преговори со ЕУ. Како Македонци со признат македонски идентитет, ги водиме преговорите за членство во ЕУ на официјален македонски јазик без никакви дополнителни фусноти и додавки.

Можеше ли некој да замисли пред само неколку месеци дека ќе потпишеме договор со ЕУ каде што ќе стојат 27 јазици, 27 држави и тој договор да го содржи и македонскиот јазик и истиот тој договор да биде одобрен и од Грција и БГ, е тоа се случи, никој тоа не можеше да го замисли. Спасовски го потпиша Фронтекс догворот со чист македонски јазик за прв пат во ЕУ, еднаш засекогаш.

И можеме со чист образ и гордо да се свртиме кон нашите предци, кон нашите предци од 1941 година, кон нашите предци од 1903 година и да кажеме дека успеавме да го оствариме вашиот аманет, за просперитетна држава која што напредува во европските интеграции.

Овој концепт за Европска Македонија СДСМ ќе го предводи. Но, една политичка партија не може сама, во тој процес се вградени генерации политичари и граѓани, многу политички партии и општествени субјекти.

Тоа така мора да продолжи, да се обединиме и да продолжиме кон ЕУ силно и одлучно, затоа што македонската иднината е европска.

Затоа мината недела, на средба ги повикав лидерите на сите политички партии застапени во Собранието.

Имаме историска шанса која не смееме да ја пропуштиме. Мора сите да се вградиме во процесот, во обврските и работата, затоа што на крајот, сите ќе ги чувствуваме придобивките од полноправното членство.

Уставните измени се дел од тој процес. Ако не ги направиме ќе дозволиме самите да си ставиме пречка, самите да се блокираме.

Сите оние од ВМРО-ДПМНЕ и Левица што мислат да продолжат да ставаат сопки треба да знаат дека сме поголеми од нивните сопки, посилни од нивните опструкции, поистрајни од нивните лаги и на крајот оваа држава ќе стане членка на ЕУ.

Почитувани, другари и другарки, Почитувани граѓани

Оваа глобална економска и енергетска криза покажа дека не сме сами, дека имаме на кого да сметаме во надминувањето на последиците од неа. Тоа е уште една придобивка од напредокот во европските интеграции.

Таа помош е конкретна и видлива. Од ЕУ добиваме 80 милиони евра поддршка за справување со кризата и тие средства ќе ги подигнеме на почетокот на следната година.

Дополнително, Северна Македонија ќе биде вклучена во заедничката набавка на гас и енергенси на ниво на Европската унија, што е исклучително важно во време на глобална енергетска криза, а нашиот министер за економија веќе учествува на состаноците на министрите за економија и енергетика на ЕУ.

Да не беа неодговорните блокади од ВМРО-ДПМНЕ по налог на Христијан Мицкоски денес ќе имавме дополнителни 100 милиони евра од ЕБОР за поддршка на работата на ЕСМ во време на светска енергетска криза.

Е тоа е разликата меѓу мене и него, тоа е разликата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Не го интересира Мицкоски ниту државата ниту граѓаните, само неговата фотелја во партијата и бизнис зделките, тендерите што ги прават во градот Скопје.

Ние работиме ден и ноќ за граѓаните, за државата, тие блокираат. За нас интересот на државата е на прво место, за нив партискиот интерес е единствен важен и ништо друго. Е тоа е огромната разлика помеѓу нас.

На Самитот на Берлинскиот процес потпишавме три договори за мобилност и Заеднички регионален пазар. Тоа е исклучително важен процес на нашиот европски пат бидејќи е практично подготовка за интеграција во единствениот пазар на ЕУ.

Ние бевме таму препознаени како сигурен партнер, најстабилна и најбезбедна земја на Балканот. И затоа тие три договори се депонирани во нашата држава, трите дговори се деопонирани во нашето МНР.

Во оваа најтешка економска и енергетска криза досега направивме клучни чекори кои обезбедија и стабилност во енергетскиот сектор, но уште поважно и поддршка за граѓаните и компаниите

Електричната енергија за сите домаќинства и за 72.000 мали потрошувачи кои вработуваат 98% од македонските работници, обезбеедивме 80% субвенционирана електрична енергија. Оваа струја е обезбедена од 100% од наше македонско производство.

Директно го поддржаме образованието, како врвна обврска на државата. 365 основни и 109 средни училишта добиваат поевтина електрична енергија. Истото се однесува и на болниците, истото се однесува и на прехранбената индустрија. За да ја намалиме инфлацијата и за да обезбедиме стопирање на растот на цените на основните прехранбени производи.

Тоа е едната страна.

На другата се инвестициите во енергетиката на кои сме сериозно посветени бидејќи се покажаа како клучно во справувањето со кризните периоди во кои што влеговме и само тоа е решението во иднина да не се најдеме во оваа ситуација.

Започнува фазата на градба на 100 мегавати сончева електрана во Осломеј. Затоа стратешки инвестиции одобривме за 400 мегавати во штипско, за 400 мегавати во светиниколско, и конечно имаме понуда за изградба на историскиот преокт Чебрен. Е така се сака својата држава, со изградба на инфраструктурни, со изградба на енергетски објекти, а не со со изградба на стиропор во центарот на Скопје.

Но, тука морам да напоменам дека за жал, активната блокада која што ја прави ВМРО-ДПМНЕ во парламентот.

Ние во моментов имаме над 130 закони, извештаи, документи кои се во различи фази во процесот, а ВМРО-ДПМНЕ ги блокира.

Тоа е уште едно не-дело на на ВМРО – ДПМНЕ и нивниот претседател Христијан Мицкоски и неговата деструктивна политика.

И уште една потврда колку сме ние различни.

Како менаџер кој доаѓа од приватниот сектор, сето мое 22 годишно искуство го вградив во димензионирање и реализација на социјалдемократските економски политики.

Уште во првите 100 дена од мандатот на оваа Влада минималната плата ја зголемивме на 18.000 денари. Двојно повеќе отколку во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Ги зголемивме пензиите за 10%, во една календарска година ќе бидат зголемени за 16%. Обезбедивме поддршка за зголемување на платите и во МВР, и во високото образование и во здравството и во други сектори. И обезбедивме 760 милиони евра само во оваа година антикризни мерки за поддршка на најранливите категории на граѓани. И според СБ, не според мене тоа е најголемата поддршка што некоја држава ја обезбедила за своите граѓани и за своите компании.

Почитувани другари и другарки,

Светската криза што ја живееме оваа година покажа колку е важно домашното земјоделско производство.

Струмица и струмичкото поле се синоним за македонското домашно земјоделство, на раноградинарските производи кои ги красат трпезите не само во нашата држава туку и низ целиот регион.

Струмичкиот бостан, вкусните струмички френки, пиперката од која се прави највкусниот ајвар се далеку прочуени македонски брендови.

За оваа година обезбедивме рекордни износи на финансиска поддршка за земјоделството. И овде сега сакам да ви соопштам, денес заврши меѓународниот тендер за избор на изведувач за проект и бизнис план за откупен центар во Струмица. Струмица ќе добие најврвен и најсовремен откупен центар за земјоделските производи кој што со декади беше ветуван, денес заврши меѓународниот тендер за избор. И ќе почне со работа заедно со МЗШВ

Во најкризната година сите заостанати субвенции кон земјоделците кои датираат и од 2015 година. 2 и пол милијарди денари оставија неисплатени субвенции 2015 година.

Толку пари, две и пол милијарди денари чинеа 36 споменици во центарот на Скопје.

Наместо кај земјоделците тука, во Куклиш, во Ново Село, во Колешино, парите ги наменија во 100 квадрати во Скопје, споменици да прават. Е затоа немавме ниту земјоделско производство, ниту производство на храна во нивно време.

Ние, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ решивме да вложуваме во работниот македонски народ, кој со својата мака и својата пот чесно го заработува своето парче леб.

Го максимилизираме домашното земјоделско производство ставајќи на располање дополнителни 15 илјади хектари за производство на освновни прехранбени производи.

Од следната година воведуваме и нов модел на субвенции за уште поефикасна и понавремена поддршка за земјоделците.

СДСМ ја прави разликата на централно ама и на локално ниво. Струмица и градоначалникот Коста Костадинов се пример за грижа, пример за посветена одговорна работа за граѓаните.

Денеска заедно отворивме нова градинка во Струмица, „Виножито„, означивме почеток на градба на булеварски мост, означивме почеток на најголемата социјална населба која некогаш ќе биде изградена во ова држава, посетивме фабрики во кои што работат по 200 и 300 вработени овде во Струмица, само за еден ден.

Зборуваше Коста за своите проекти, јас само ќе додадам, ја имаш мојата поддршка, ја имаш поддршката од Владата, продолжи со стојата работа и заедно да се радуваме на успесите на Струмица како што сме радувале досега.

Коста Костадинов со својата работа е пример за другите градоначалници, а особено е пример како треба да се работи наспроти градоначалниците ВМРО-ДПМНЕ кои што ништо не работат.

Еве го главниот град Скопје како пример. Се испоракаа за тендери и провизии додека градот е во колапс. Наместо бесплетен превоз се случи да нема превоз. Кога дојде време да се грее Скопје, кажаа ние за Скопје, не не интересира греење, Влада да го презема. И на крајот кога сфатија дека ништо не прават се скараа меѓу себе. И вчера ми се јавува МВР, абе вика има голема беља во градот Скопје, што е викам бељата Оливер? Абе, вика, некоја кавга има таму. Јас мислам дека се скарале дали ќе ја прошируваат Универзална сала, дали ќе го прават надвозникот кај Момин поток, дали ќе прават пат кај Визбегово, дали ќе прават кружен тек кај Нова Македонија, а тие се испокарале за микрофон, за микрофон се карале цел ден вчера во Скопје. И на крај им текна генијална идеја, идејата било Д. Арсовска била со СДСМ. Е како бе со СДСМ? Па не одевме јас, Зоки, Миле, Љупчо, да ја чекаме со трубачи пред СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ ја чекаше со трубачи пред СДСМ. Не одеше во кампања Мартин, Благоја и Битиќи да зборат на цело Скопје, она ќе била најдобрата мајка на градот Скопје, оние одеа дека ќе била најдобрата мајка на градот Скопје. И еве сега во Скопје останавме и без татко и без мајка и без вујна и без тетка и без ништо. Ниту имаме превоз, ниту имаме нешто.

И затоа им кажав на колегите во Влада, ние имаме обврска пред граѓаните, ние имаме обврска се што можеме како Влада да направеме за сите градови, без разлика од која партија е градоначалникот, мора да направиме, затоа што тоа го должиме на граѓаните и тоа ќе го направиме секаде каде што можеме во можностите кои што Владата ги има.

Им текна втора генијална идеја, сега пошто се испокрале, и по другите општини, сега Левица била со нас, абе Левица мене и Маричиќ ќе не линчуваа во јули за Францускиот предлог, гилотињи ни ставаа, молотови коктели фрлаа, судење ни правеа, сега со нас биле, абе не бива таа работа. Ако си почнал со него, ќе си завршиш, како што јас сум почнал со вас, и како што ќе победам на идните избори, така тие како што почнале, ќе си изгубат на идните избори.

И пошто видоа дека сме тргнати да покажеме на граѓаните што знаеме и што правием заедно со коалицијата, а затоа што тие немаат што да прават и да покажат, решија ќе прават Саем и се собрале на Саем, а исто како пред 10 месеци, почнаа во скапи хотели, беа во Битола во Епинал, беа во други хотели, дотерани направени, исто како со трубачи кога се чекаа во бели капути, и ќе правеле Саем, абе Саем се прави за да покажеш што си направил, кај се електричните автобуси во Скопје? Кај е БРТ во Скопје? Кај е онаа фабриката за електрични автобуси што ја кажуваа во Скопје? Кај е затоплувањето во Скопје да го оебзбедат, ние го обезбедивме како Влада, Фатмир Битиќи не спие со Бектеши заедно по цела ноќ за да обезбедат греење во Скопје. Отишле со флаери, направиле флаери викаат ние ова ќе правиме. Абе Саем, Саем се избори, ама тие видоа како изгледаше Саемот во Маврово и Ростуше кога отидоа со анкети дека победуваат, па кога 5 дена ги немаше да излезат кога изгубија со 1300 разлика, колку што освоија, ние имавме толку разлика. Е затоа на Саемот во 2024 година пак ќе победиме ние заедно со коалиционите партнери.

Почитувани,

Визијата на која работам со мојот тим е градење на модерна европска држава на среќни и богати граѓани.

Тоа е држава на странски директни инвестиции со нови технологии, со нови добро платени работни места, енергетски независна држава со инвестиции во обновливи извори на енергија.

Но, оваа визија можам да ја остварам само со ваша поддршка. Со силен ангажман не секој присутен во оваа сала, но и на оние надвор од неа.

Затоа ве повикувам на акција. Потребна ми е поддршката од секој од вас за да продолжиме напред, за државата да оди напред, за младите да ни останат овде, овде да градат својата иднина.

И знам јас, знаете и вие дека ќе успееме, дека во 2024 година СДСМ и про-еверопската коалиција ќе победат и овде во Струмица и во сите општини низ државата.

Да сте живи и здрави, да живее СДСМ, да живее Струмица, да живее европска Македонија.