Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва присуствуваше на трибината организирана во Струмица. Во преполната сала во Струмица Ковачевски се осврна на државотворниот капацитет на партијата сите изминати години наназад.
„Струмица е олицетворение на што сме ние, социјалдемократите. СДСМ е печатот на македонската европска идеја и напредокот од осамостојувањето до денеска. На тој пат ние чекориме 31 години и тој пат ние го предводиме. СДСМ е дел од континуитетот на државничките одлуки во исполнување на македонските национални стратешки цели поставени уште од независноста“ истакна Ковачевски.
Претседателот Ковачевски посочи дека СДСМ 31 година е на вистинската страна на историјата.
„Денес јас и вие можеме со гордост ние сме континуитетот на Киро Глигоров со чија мудрост стекнавме независност по мирен пат, и во едно турбулентно време бевме „Оаза на мирот“ на Балканот.
Ние сме континуитет и на Бранко Црвенковски и трансформацијата на општеството, на Владо Бучковски, на Радмила Шекеринска и кандидатскиот статус на државата.
Ние сме континуитетот на Зоран Заев, на храбрите одлуки со кои станавме членка на НАТО, решивме децениски спорови и изградивме Едно општество за сите.
31 година СДСМ е на вистинската страна на историјата и за тоа секој социјалдемократ, секој од вас овде присутен во оваа сала е особено горд.“ рече Ковачевски.