Средбата протече во демократска атмосфера, оцени премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто на Сител телевизија. Тој сподели дека му е драго што освен претседатели на две партии, сите останати биле присутни на средбата и ги изнеле своите ставови. Премиерот додаде дека ја свикал средбата за европската иднина на државата, но и за одлуките што треба да се носат со широк консензус.
-Во текот на средбата, но и во обраќањето пред медиумите кажав дека сите претседатели на политички партии ги информирав за преговорите, за буџетот за 2023 година, за мерките, но и за сите оние закони, повеќе од 130, што се наоѓаат во Собранието, а не се изгласани поради блокадата на опозицијата. Дел од нив се за владеењето на правото. Тоа е еден од врвните критериуми за пристапувањето кон ЕУ, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека се зборувало и за помошта за најранливите категории граѓани, бизнисот и мерките за енергетската криза.
-Но, мора да се разговара на сите теми, државата ги почна преговорите со ЕУ и со изгласаните заклучоци од Собранието веќе ги гледаме првите резултати. По заклучоците, ја одржавме првата меѓувладина конференција, потоа почна скринингот, а пред некој ден го потпишавме и Фронтекс договорот на македонски јазик. Тој договор долго време не беше потпишан, бидејќи во него стои македонски јазик, истакна Ковачевски.
Според него сите општествени чинители треба да бидат вклучени во процесот на преговори.