Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денес оствари средба со Н.Е. Симона Франкел, амбасадорка на Државата Израел во Република Северна Македонија, резидентна во Ерусалим.
Претседателот Џафери го поздрави активниот ангажман на амбасадорката и одржувањето на редовната комуникација со највисоките државни институции на Република Северна Македонија. Активната соработка меѓу двата парламента се одвива непречено и на ниво на групите за соработка, со што се покажува континуираниот интерес за задржување и негување на блиските релации со Кнесетот. Изрази надеж дека истата ќе продолжи и по неодамна спроведените избори во земјата и конституирањето на новиот Кнесет.
Соговорниците разговарааа за војната во Украина, негативните последици по Европа и светот, кризните состојби на мигрантски, енергетски план, недостаток на храна, при што претседателот Џафери ја истакна помошта што нашата земја ја дава на Украина како знак на солидарност со украинскиот народ. На политички план, Собранието беше меѓу првите парламенти од земјите-членки на НАТО кое донесе Декларација со која се осуди повредата на територијалниот суверенитет и интегритет на Украина. Воедно, активно сме вклучени во обезбедувањето помош за потребите на украинските институции и граѓани и целосно се приклучивме на барањата на Европската унија и НАТО за наметнување санкции на Руската Федерација, а дониравме и воена опрема. На тој план, на Парламентарниот Самит за Кримската платформа, што неодамна се одржа во Загреб, се донесе заедничка декларација со која парламентарните лидери од 32 држави во светот упатија важна порака за единството на земјите – учеснички во поддршката за Украина, со усвојување на конкретни парламентарни одговори.
Претседателот Џафери ја запозна амабсадорката со неодамна донесените измени на Законот за здруженија и фондации, кои беа едногласно усвоени со гласови и од пратениците од власта и од опозицијата, без ниту еден глас против. Со нив се забранува користење на имиња на фашисти или приврзаници на фашизмот на организации кои оригинерно треба да работат на културно соединување на државите.
Амбасадорката Франкел информираше дека и Израел се приклучи кон хуманитарната помош на украинскиот народ, а буџетот на Министерството за надворешни работи наменет за меѓународна соработка во целост е пренасочен за овие потреби. Со големо задоволство го поздрави донесувањето на законските измени, за што внимателно ги следеле случувањата и воопшто не се изненадени од соодветната одлука на Собранието на Северна Македонија.
Двајцата соговорници разговараа за актуелната состојба на планот на евроинтеграциите на земјата, отворањето на првата меѓувладина конференција и започнатиот скрининг, при што амбасадорката Франкел ја реафирмираше безусловната поддршка на Израел на нашето пристапување кон ЕУ. Стана збор и за натамошно јакнење на економската соработка, соработка во областа на високата технологија, воено-одбрамбениот сектор, телекомуникациите и туризмот.