24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Ковачевски: РЕК Битола е столбот на македонската економија и основата на македонската енергетика

Премиерот Димитар Ковачевски по повод 40 години – Рударско – енергетски комбинат (РЕК) Битола ја посети машинската сала на термоелектраната на РЕК Битола, по што се обрати на свеченоста по повод јубилејот.

Во своето обраќање премиерот Ковачевски истакна дека РЕК Битола е енергетски капацитет од кој зависеше осамостојувањето на нашата држава. Ковачевски, упати честитки до сите вработени и раководството кои се подготвени да го издржат товарот на најголемата светска енергетска криза. Премиерот Ковачевски во обраќањето се осврна на актуелните владини мерки за ублажување на ценовниот шок, како и на важноста од вложувањата на среден и долг рок за успешна енергетска транзиција и одржлива иднина на РЕК Битола.

„РЕК Битола е енергетски капацитет кој беше исклучително важен за осамостојувањето на македонската држава. РЕК Битола беше и сè уште е срцето на македонската енергетика.
Беше и сè уште е столбот на македонската економија. И денес во услови на најголемата светска енергетска криза, РЕК Битола е доминантен производител на електрична енергија во земјава“ порача македонскиот премиер во Битола.

Тој посочи дека „за да може да ги обезбеди потребните количини на електрична енергија, РЕК Битола годинава го зголеми проектираното производство, за 25% во однос на минатата година покажувајќи уште еднаш колку е вредно домашното производство на енергија, но и колку е значајна посветената работа на сите вработени. Без нивната експертиза, без нивното знаење, без нивната посветеност и без нивната напорна работа ништо од ова немаше да е можно. И тоа е така веќе 40 години“.

„Во услови на најголемата енергетска криза брзо и навремено преземаме мерки за ублажување на енормниот раст на цената на електричната енергија, а со тоа и на цената на храната. За сето ова, клучно е домашното производство на електрична енергија. Овие антикризни мерки, оваа електрична енергија која субвенционирано ја даваме на нашите граѓани и на 98% од фирмите кои вработуваат исто толку вработени немаше да биде можно без производството на електрична енергија во РЕК Битола. Воедно ја субвенционираме струјата за сите домаќинства и мали потрошувачи за 80%, обезбедувајќи за сите пет пати сметка за електрична енергија поевтина од реалната пазарна цена која би ја платиле доколку ова не беше направено“ порача Ковачевски.

Напомена дека „нашата цел е да обезбедиме оджлива иднина на РЕК Битола. Имаме план, а кога во енергетиката се зборува за план тоа значи да се има план за наредните десет години и прецизен план со месечни динамики за пет години“.

„Оваа Влада како ниедна до сега вложува во енергетиката и во проекти кои на среден и долг рок ќе носат само бенефит. Посветени сме на енергетската транзиција на земјата, затоа што знаеме дека тоа е иднината и за енергетска независност, но и за заштита на животната околина. И затоа само во мандатот на мојата Влада имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотонапонски централи во државата што е повеќе за 11 мегавати од она што беше направено вкупно за 11 години во текот на мандатот на Владата на Никола Груевски. Стабилен електроенергетски систем е приоритетна цел и пресудна за да имаме сигурност во снабдувањето со електрична енергија и нови инвестиции и во иднина“ рече премиерот Ковачевски.