Партијата Беса ќе ги покани на средба лидерите на партиите со албански предзнак, за усогласување на ставовите околу отстранување на референцата 20% , што се однесува на Албанците и албанскиот јазик, во пресрет на отворање на Уставот на Република Северна Македонија а по барање на Република Бугарија, за вметнување на бугарската етничка заедница во Уставот.
Потпретседателот на Беса, Фадил Зендели во емисија на ТВ Клан најави дека лидерот на Беса, Билал Касами ќе ги покани лидерите на другите албански партии на заедничка средба, на која би го разгледале ова прашање. Зендели додаде дека ова е поволен момент да се тргне „20%“ од Уставот.
Претходно, Алијанса за Албанците најавија дека со отворање на Уставот, тие како партија ќе побараат да се „тргне’’ референцата „20%“, односно, со ова го условија додавањето на бугарската етничка заедница во Уставот.
Потпретседателот на Алијанса за Албанците, д-р. Арбен Таравари вели дека е отворен за комуникација со другите албански партии по ова прашање.
Потпретседателот на ДУИ и координаторот на парламентарната група на ДУИ, Арбер Адеми, во емисијата „Патот кон“, на ТВ Алсат, меѓу другото изјави дека Беса нема ниту сила ниту кредибилитет да повикува лидерска средба.
И лидерот на ДПА, Мендух Тачи, најави дека нема да учествува на средбата.
Премиерот Димитар Ковачевски најави повик до парламентарните политички партии за лидерска средба, која би се одржала в понеделник на 7 ноември во 12 часот во Собранието на Република Северна Македонија. Од Алијансата за Албанците се изјаснија дека ќе присуствуваат на средбата и дека се отворени за понатамошен дијалог во врска со отворањето на Уставот. Од ДУИ велат дека сите партии треба да присуствуваат на средбата на лидерите на парламентарните партии, бидејќи се наоѓаме пред една многу важна точка на патот кон ЕУ.
Поканата од Беса за лидерска средба е без одреден датум, односно не се знае кога би се одржала. Со оглед на тоа дека освен Алтернатива (?), другите политички партии нема да присуствуваат на средбата, таа веројатно нема да се одржи.
За отстранување на постотокот (20%) од Уставот, односно иницијативата за отстранување си ја припишуваат речиси секоја партија со албански предзнак, вклучително и ДУИ, од каде велат дека 20% бил компромисот на кој се согласиле во 2001 година.
„20% е компромис што беше направен во 2001 година за да не се наруши суштината на Охридскиот мировен договор. Како Албанци го направивме овој компромис. Јас не бев на преговарачката маса, бев со калашников покрај мене во 2001 година, но го прифатив овој компромис,едноставно затоа што од целата меѓународна заедница, од сите оние кои се обидоа да придонесат за мирот и постигнувањето на овој договор, уверивме , но бевме свесни и ние, како и политичките партии со кои тогаш бев во постојана комуникација, дека не се нарушува суштината на договорот и не се нарушуваат правата и унапредувањето на Албанците. “, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети во одговор на новинарско прашање.
Д. Тахири / Civilmedia.mk