23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Министерот Спасовски на 8-та Истанбулска конференција за безбедност: Со заеднички – сеопфатен одговор на заедничките проблеми и предизвици

Денеска, (03.11.2022), министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, преку видео обраќање учествуваше на 8-та Истанбулска конференција за безбедност, во организација на Турско-азискиот центар за стратегиски студии, а на тема „Пост-безбедносни дилеми, интеграции, модели и Азија“.

Во продолжение интегралното обраќање на министерот Спасовски:

Почитувани организатори од Турско-азискиот центар за стратегиски студии,

Почитувани практичари и научни работници,

Со особено задоволство ја прифатив поканата да учествувам на осмата Истанбулска безбедносна конференција „Пост-безбедносни дилеми, интеграции, модели и Азија“. Ви благодариме за можноста да ги споделиме со Вас научените лекции и стекнатите искуства во време на најсериозните безбедносни и општествени предизвици со кои се соочува човештвото во изминатите неколку години.

Живееме во свет кој забрзано се менува, свет во кој развојот на технологијата овозможи силен напредок во голем број сфери на општественото живеење, се искоренија многу болести, животниот стандард е значително повисок, а достапноста до ресурсите и до услугите од јавниот сектор се многу поедноставени.

За жал, во изминатите неколку години имавме можност да се увериме дека и покрај силниот развој, луѓето и понатаму се ранливи, а човештвото поминува низ тешки периоди во кои се потребни мудри стратегиски одлуки, за да не запре напредокот, за да продолжи соработката, за да се продлабочуваат односите помеѓу државите.

Денес сме соочени со можеби најсериозниот безбедносен предизвик по завршувањето на Втората светска војна. Отворената агресија на Русија врз Украина и промената на границите во четирите региони на Украина претставува опасен преседан, кој може до непредвидливи граници да ги заостри односите помеѓу државите и да ги разгори и така силните воени дејствија, во кои на крајот, најмногу страдаат недолжни цивили. Целиот демократски свет има обврска да повика на прекин на вооружените дејствија, што поскоро изнаоѓање на решение и запирање на крвопролевањето. Како никогаш порано сме соочени со предизвикот на недостиг на енергенси и на сигурност во непреченото обезбедување на храна и други ресурси потребни за нормален живот, а како директен резултат од војната во Украина.

Северна Македонија во изминатите неколку години помина низ многу значајни процеси кои резултираа со членство во НАТО и со почеток на преговорите за членство во Европската унија. Како резултат на мудрата и предвидлива политика, беа решени децениски спорови со соседите, кои македонското општество го оставија настрана од регионалните и светските интеграции, иако геополитичките случувања и безбедносни предизвици никогаш не ја заобиколија нашата држава. Токму сега, во време на сериозна нестабилност на истокот на Европа, можеме целосно да ги почувствуваме придобивките од членството во НАТО и што реално значи да се биде дел од најмоќниот воен и политички сојуз во светот. Нашите граници се безбедни, а заедно со нашите партнери и пријатели ги бараме најдобрите можни решенија за секој безбедносен предизвик, па дури и за енергетската криза и недостигот на ресурси. Размената на квалитетни безбедносни информации и позиционирањето на Северна Македонија како релевантен и респектабилен партнер во регионалните и меѓународните безбедносни организации и интеграции, ја прави нашата позиција сигурна, а нашата држава стабилна и безбедна.

Друг, многу значаен предизвик, кој имаше и сериозни безбедносни импликации беше пандемијата со Ковид-19. Иако сме во фаза во која болеста е значително потисната, ризиците со кои се соочивме и сѐ уште се соочуваме, само укажуваат на фактот дека се потребни уште многу напори за целосно да се искорени и да се превенира појава на други, нови пандемии. На испит беа ставени пред сѐ здравствените системи, но и економските, безбедносните, социјалните системи, а бевме сведоци дека речиси целото човештво беше во потрага по брзо и квалитетно решение за спречување на ширењето на болеста и пронаоѓање на делотворна вакцина која спаси многу човечки животи. Македонската полиција имаше клучна улога во обезбедувањето на нормалниот тек на животот во новите, изменети безбедносни услови.

Истовремено, бевме приморани да се бориме и со уште една пандемија – пандемијата на лажни вести, популарно наречена инфодемија. Лажните вести го обликуваат јавното мислење поврзано со Ковид-19, со политичките случувања во светот, со миграциите, со безбедноста на државите во целина, на многу поизразен начин и со многу поголемо влијание отколку пред една или две децении. Најдобрата одбрана од лажните вести е навременото пласирање на точни информации. Вистината која ќе биде навремено и прецизно соопштена и која ќе стигне до што поголем број на луѓе, ќе биде најдобрата превенција за спречување на ширењето на страв и паника кај населението и ќе помогне да се избориме со сериозните безбедносни и политички ризици кои со себе ги носи пласирањето на лажни вести.

Почитувани присутни,

Би сакал да укажам и на неколку значајни безбедносни предизвици со кои се соочуваме како држава, но и како регион во целина.

Миграциите, особено нелегалните миграции, сѐ уште се актуелна тема, со која на дневна основа се соочуваат полициските служби во регионот и во Европа. Колку и да е контролирана т.н. Балканска рута, низ неа се регистрирани бројни мрежи на организирани криминални групи кои ги користат сите можности за да се стекнат со извонредно големи суми на пари заработени на криминален начин. Мораме да продолжиме како одговорни институции да го градиме капацитетот за одговор на овој сериозен криминал. Мораме да вложуваме во дополнителна обука на органите за спроведување на законот, да продолжиме да инвестираме во материјално-техничките средства, особено во информациските технологии кои може значително да помогнат во контролата и надзорот на границите.

Овде би сакал да го истакнам и фактот дека со потпишувањето на оперативниот договор со ФРОНТЕКС, очекуваме Северна Македонија дополнително да ги регулира и прецизира политиките и практиките за заштита на границите и да придонесе кон јакнење на капацитетите за контрола на миграциите, особено на нелегалните. Исто така, задоволен сум што можам и пред овој угледен собир да информирам дека постигнавме значителен исчекор кон зајакнато управување со границите и со нерегуларната миграција, што е од заеднички интерес на Северна Македонија, на земјите во регионот, на Европската унија и на меѓународните организации како УНХЦР, ОБСЕ, ИОМ и други.

Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи со кое раководам, отсекогаш имале проактивен и отворен пристап, отсекогаш биле и ќе останат активен и кредибилен партнер на Обединетите нации и на УНХЦР, а во однос на Глобалниот пакт за бегалци и Глобалниот пакт за миграција, како прифатени меѓународни инструменти, државата даде и дава силна поддршка.

Меѓу главните приоритети на МВР во делот на миграцијата е продлабочување и одржување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и со земјите на потекло, со агенциите на ЕУ и други релевантни меѓународни организации, како и преку активно учество во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси.

Во тек се и повеќе проекти со цел натамошно синхронизирање со европските стандарди, не само во делот на управувањето со миграциите, туку и во граничното управување во целина. Изминатава година успешно беше финализиран и твининг проектот „Усогласување на националните системи за гранично управување со барањата на ЕУ и Шенген“, во чии рамки е изготвена Националната стратегија за интегрирано гранично управување на Република Северна Македонија, согласно Европскиот концепт за Интегрирано гранично управување.

Република Северна Македонија и натаму останува силен поддржувач на ОН, посветен и одговорен партнер во глобалниот дијалог и силен општо признаен генератор и столб на мирот, стабилноста и безбедноста на Балканот, во Европа, и глобално.

Голем безбедносен предизвик за сите земји на Балканот и во регионот на Југоисточна Европа е борбата против организираниот криминал и корупцијата. Бројките покажуваат дека токму организираниот криминал и корупцијата во значителен дел ги јадат работните места и економијата. Полицијата и другите органи на прогонот се должни да ги јакнат своите капацитети за брз и енергичен одговор на корупцијата и да ги изведат пред лицето на правдата сите кои се осудиле да понудат или да примат поткуп, или кои се организираат во групи и злосторнички здруженија за да ги злоупотребуваат парите на граѓаните.

Дозволете ми да го потенцирам задоволството од спроведените превентивни кампањи за подигање на свеста кај населението, што резултираше со сѐ поголем број граѓани во Северна Македонија кои ги пријавуваат овие незаконски активности кај поединци, што е основно за понатамошното гонење и докажување на кривичните дела. Соработката помеѓу одговорните институции, граѓанското општеството и медиумите е клучна за развојот на добрите практики за борба против организираниот криминал и корупцијата во државата. Токму затоа на средината на месец октомври оваа година, како министер за внатрешни работи потпишав договор со претседателката на Државната комисија за спечување на корупцијата за соработка и размена на податоци во електронска форма, како и Меморандум за соработка со кој се уредува начинот на соработка, координација и имплементација на заеднички активности за заштита на укажувачите, како ефективна алатка за борба против корупцијата.

За да имаме реален успех, потребно е да се поврзуваме уште повеќе и заеднички, како безбедносни служби во Европа и во светот, да ги бараме најдобрите можни решенија за одговор на сѐ поголемиот број на добро организирани криминални групи, кои често ги надминуваат границите на континентите, не само на државите.

Хибридните закани, особено сајбер криминалот и другите неконвенционални форми на дејствување на криминалните групи, но и заканите од насилен екстремизам и тероризам, се современите форми на безбедносни ризици за кои мора да сме свесни и да го насочуваме вниманието на професионалците, практичарите, но и на научните работници, кои само преку заеднички, интегриран пристап, ќе дадат корисни совети и ќе предложат можни решенија за надминување на овие предизвици.

Во соработка со нашите партнери од меѓународната заедница, активно работиме за унапредување на борбата против сите незаконити дејствија кои го подриваат демократското општество. Токму во овој период ги изготвуваме четвртите по ред Национални стратегии за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, а претходно за прв пат беа донесени Националната стратегија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и Националната стратегија за сајбер безбедност кои заедно со акциските планови веќе ги даваат очекуваните резултати.

Почитувани професори, почитувани истражувачи, практичари од безбедносните служби,

Дозволете ми на крајот да се осврнам на можните решенија кои ќе придонесат за контрола и спречување на меѓународниот организиран криминал и справување со безбедносните закани во Европа и светот. Во суштината на развојот на квалитетни политики и одговор на современите безбедносни дилеми, е зајакнувањето на соработката помеѓу надлежните министерства и служби и продлабочување на интеграциите, во кои ќе се испреплетуваат силните пораки за мир, стабилност, безбедност.

Да продолжиме да инвестираме во нашите општества, да продолжиме со поддршката за развој на човечките ресурси и подобрување на материјално-техничките услови за работа, како и на допрецизирање на законските основи и процесните аспекти на гонење на криминалот и криминалните групи и поединци. Уверен сум дека токму ваквите значајни настани во науката за безбедноста значително ќе придонесат да ги прошириме хоризонтите, да ги согледаме и провериме новите можности кои ни стојат на располагање за заеднички – сеопфатен одговор на заедничките проблеми и предизвици.

Ниту едно општество не е имуно на криминал, ниту пак одредена форма на криминал потекнува и завршува само во границите на една држава или на еден регион. Затоа, силно ги поддржувам напорите и идеите за глобален, заеднички одговор во кој сите ќе придонесуваме за побезбедни општества и побезбедни држави.

Срдечно Ви благодарам за поканата и Ви посакувам успешна работа на оваа многу значајна конференција.