24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Одбраната на Рашковски: Се согласуваме со сведочењето на Спасовски, софтверот е набавен за потребите на Владата, а не на МВР

Од денешното рочиште, каде што сведочеше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, може да се заклучи дека сè што тврди одбрана за набавката на софтверот е исто со тврдењата од самиот почеток – дека набавката е со одлука на Генералниот секретаријат при Владата, велат од одбраната на Драги Рашковски.

Нагласуваат дека целосно се согласуваат како одбрана со сведочењето на министерот Спасовски.

„Точно е дека софтверот никогаш не беше нарачан од Министерството за внатрешни работи, туку од страна на Владата на Република Северна Македонија. Како што истакнавме, во декември во 2019 година донесена е одлука на Влада за набавка на денес спорниот софтвер. Тоа значи дека овој софтвер е набавен на барање, со одлука и за потребите на Владата. По набавката, направен е и документ за технички прием, што исто така ги потврдува легитимноста на постапката и следењето на процедурите. Законитоста на набавката е поткрепена со сите документи, одлуки, дописи, технички прием“, наведува одбраната.

Додаваат дека со помош на софтверот вршени се соодветни анализи, чии резултати постојат на серверите на Владата.

Набавката, како што велат од одбраната на Рашковски, е донесена во целосно законска процедура, од надлежен орган и е единствениот документ врз кој може да се спроведе јавна набавка. Одлуката е донесена од Генералниот секретаријат во согласност со планот за јавни набавките, а врз основа на донесените одлуки во согласност со законите.

„За ова постои и допис од Владата до Државното правобранителство, каде што се вели дека ‘донесените одлуки за набавка се во целост со овие законски одредби, односно генералниот секретар е тој што носи одлуки за јавни набавки’. Од одбраната е побарано целата набавена опрема да се донесе во судницата за да се види дека постои и дека е исправна и функционална“, се наведува во реакцијата.