24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАЛОКАЛНО

Пред една година зборувавме за брз и модерен превоз во Скопје, денес за тоа дали воопшто има автобус

Нов ден, нови проблеми за скопјани откако на функцијата градоначалник стигна Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Втор ден не сообраќаат автобусите на приватните превозници поради доспеан долг од Град Скопје и ЈСП за изминатите три месеци, сума која достигнува над половина милион евра.

За само една година дискусиите за јавниот превоз во Скопје се поместија од модернизација и изградба на Бас рапид транзит до тоа дали воопшто ќе стигне автобус на станицата. За прв пат во историјата се случи и Скопје да остане без јавен превоз, откако возачите на ЈСП штрајкуваа поради доцнењето на нивните плати. Сега, протестираат приватните превозници, кон кои Град Скопје должи за август, септември и октомври.

Во обид да го одбрани неодбранливото, Арсовска пред штрајкот на возачите на ЈСП обвини дека Владата должи пари на ЈСП, информација која беше демантирана, додека пак реалноста е дека токму ЈСП и локалната власт под нејзина контрола должат на приватните компании. Токму од приватните превозници доаѓаше и најголемата поддршка за Арсовска во кампањата пред локалните избори, поддршка која сега им се удира од глава.

Граѓаните на Скопје секој ден со неизвесност чекаат на автобуските постојки на пат до работа или школо, бидејќи автобусите на ЈСП не ги почитуваат термините, доцнат, а некои линии и се скокаат.

Градоначалничката, пак, во предизборието ветуваше бесплатен јавен превоз за скопјани и набавка на 250 нови, модерни автобуси. „Најдобрата менаџерка“, како што беше претставувана Арсовска од ВМРО-ДПМНЕ минатата година, наместо тоа, едвај успева да го обезбеди буџетот на претпријатието за да исплати плати за вработените. Доколку буџетот за плати за вработените се обезбедува од месец за месец со пренамена на пари од останатите проекти на Град Скопје, тогаш на сите веќе им станува јасно дека ветувањето за бесплатен превоз беше само предизборна манипулација.

Поради лични каприци, таа, веднаш по нејзиното стапување на функција одлучи да го прекине проектот за Бас рапид транзит, одобрен и финансиран од Европската банка за обнова и развој, со кој Скопје ќе добиеше модерно сообраќајно решение. Против овој проект Арсовска застана единствено поради тоа што тој бил предлог на претходниот градоначалник, кого таа го победила на изборите.

Државата сега, поради нејзините каприци, годишно плаќа 350 илјади евра на ЕБОР, бидејќи парите од кредитот во висина од 70 милиони евра стојат нечепнати и не се користат. Колку за потсетување, овој проект беше високо оценет од европските експерти како зелен проект кој ќе овозможи еколошки и брз транспорт во градот, а тие 70 милиони евра одобрено од ЕБОР се наменети само за тој проект.