Организациониот секретар на СДСМ Вангел Андрески денеска говореше на трибината „Силно и одлучно“ што се одржа во општина Кривогаштани.
Пред присутните Андрески порача дека СДСМ е консолидирана партија, која постојано е на терен и се враќа на победничките патеки.
„ Како државотворна партија постојано на дело покажуваме што значи вистинска грижа за граѓаните но и реализација на стратешките интереси на државата. Пред два дена во Скопје го потпишавме Договорот за Фронтекс, на официјален македонски јазик без фусноти и дополнителни формулации. Со тоа пропаднаа лагите на ВМРО-ДПМНЕ кои со месеци ги лажеа граѓаните дека македонскиот јазик ќе бил избришан дека ќе се нарекувал бугарски дијалект. Отворени се преговорите за членство во ЕУ, во Унијата влегуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик“ порача Андрески.
Осврнувајќи се на последиците од светската енергетска и економска криза, Андрески посочи дека Владата предводена од СДСМ презеде навремени и ефикасни мерки со цел да им помогне на граѓаните, на стопанството.
„ Со два пакета мерки одвоивме 750 милиони евра за антикризни мерки. Во следните четири месеци им помагаме на над 200.000 граѓани, а дополнителни 52 милиони евра одвоивме за земјоделците, за да го зголемиме производствто на домашна храна и житарици, што е особено важно во време кога во светот има недостиг на храна.“ посочи Андрески, додавајќи дека премиерот Димитар Ковачевски и Владата обезбедуваат доволно енергенси за претстојната зима, но и дека инвестираат во нови домашни капацитети за производство на електрична енергија.