25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски за Фронтекс: Политичките субјекти не смеат да водат полемика за македонскиот јазик и идентитет

Секој од нас треба да ги чува идентитетот и јазикот, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во „Вин-вин“. Тој кажа дека Бугарија четири години неразумно го блокирала потпишувањето на договорот за Фронтекс, но македонските власти не попуштиле, инсистирајќи договорот да биде потпишан на македонски јазик.

-Во сите договори досега беше напишано дека се потпишуваат на официјалните јазици на ЕУ и државата, како дел од договорните страни. Нормално е што Договорот е потпишан на македонски јазик и тука не треба да се прави хистерија. Но, ќе беше така во нормални услови, а не кога политички субјекти велат дека тоа не е така. Со македонскиот јазик не можеме да полемизираме. Политичките субјекти не смеат да водат полемика со македонскиот јазик и идентитет, рече Спасовски.

Министерот изрази благодарност до сите службеници на експертско ниво од МВР и МНР го овоможиле потпишувањето на договорот за Фронтекс.

-Ако сакаме да правиме реформи, тоа не подразбира само легислатива, реформите подразбираат и начин на однесување и размислување. Водам тим, не смееме да дозволиме работите да зависат од еден човек, рече министерот.

Според него, Договорот за Фронтекс овозможува полесна размена на информации и податоци, особено за време на мигрантски кризи. Спасовски додаде дека Договорот ја зајакнува национална безбедност и создава баланс со почитување на човековите слободи и права.

-Значењето на овој Договор е многу важно, стабилноста и безбедноста на граѓаните се приоритет број еден, заклучи Спасовски.