25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Вечерашната владина седница заврши – донесени серија важни одлуки

Владата, на предлог на Канцеларијата на Претседателот на Владата, разгледа три информации поврзани со регионалната соработка на сите шест земји во рамки на Берлинскиот процес и се прифатени усогласените текстови на договорите.

Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за склучување на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан и го прифати усогласениот текст на Договорот. Овој Договор ги опфаќа сите шест земји од регионот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, во рамки на Берлинскиот процес воден од принципите на правото на ЕУ, европските вредности и добрата пракса на ЕУ. Договорот предвидува исти услови за влез, транзит, излез и краток престој на физичките лица, односно на носителите на лични карти. Со склучувањето на овој Договор се потврдува изразената подготвеност за зајакнување на регионалната соработка и меѓусебното разбирање, што ќе придонесе за економскиот развој, зголемување на економскиот раст, инвестициите и вработувањата во Западен Балкан. Исто така, земени се предвид заклучоците кои лидерите ги донесоа во рамките на Берлинскиот процес, истакнувајќи ја визијата за просперитет за луѓето од Западен Балкан, со цел да ги уживаат истите слободи, како и европските граѓани. Земена е предвид и Декларацијата на лидерите од Западен Балкан за заедничкиот регионален пазар како катализатор за подлабока регионална економска интеграција кон единствениот пазар на Европската Унија, донесена на Самитот на лидерите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, реализиран во Софија на 10 ноември 2020 година.

Владата ја разгледа и ја усвои и Информацијата за склучување на Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите, во контекст на договорот за слободна трговија и го прифати усогласениот текст на Договорот. Овој Договор ги опфаќа сите шест земји од регионот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во рамки на Берлинскиот процес, а овозможува размена на професионалци кои поседуваат професионална квалификација за доктори по медицина, доктори по стоматологија и архитекти, во формат којшто ќе ги отстрани бариерите на националното законодавство. Со Договорот се утврдуваат правилата за автоматско признавање на докази за формални квалификации врз основа на минималните услови за обука, за пристап до регулираната професија и нејзино вршење, како и усогласените минимални услови за обука, во една или во повеќе страни потписнички, коишто им овозможуваат на носителите на споменатата квалификација, да ја вршат истата професија стекната во матичната држава – во друга, потписничка на Договорот. Сите шест земји од Западен Балкан ја имаат предвид важноста на економската интеграција, во согласност со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) од 2006 година, како и целите на зголемување на либерализацијата на трговијата со услуги во рамките на ЦЕФТА. Исто така, земени се предвид и целите и приоритетите утврдени во Акцискиот план за заеднички регионален пазар за периодот 2021-2024 година во рамки на Берлинскиот процес, коишто се насочени кон отстранување на пречките за признавање на професионалните квалификации, преку усвојување и спроведување на „Рамката на Европската Унија (ЕУ) за автоматско признавање на професионалните квалификации за 7 професии и системот на ЕУ за автоматско признавање“. Овој Договор обезбедува повеќекратна добивка бидејќи не само што ќе се применуваат строгите критериуми на ЕУ во мобилноста на заедничкиот пазар, туку земјите имаат обврска да ги усогласат наставните програми за овие три професии со барањата на ЕУ, преку што се обезбедува подобар квалитет и мобилност на овој кадар во рамките на Западен Балкан. Преку Договорот ќе се обезбеди и побрза интеграција на земјата во процесот на ЕУ, поради исполнување на барањата од европското законодавство и фактот дека образовниот, како и институционалниот систем на државата, со понатамошна имплементација на Договорот, веќе ќе бидат подготвени за оваа преземена обврска, односно таа ќе биде целосно усогласена со барањата на Унијата за полноправно членство.

Владата, исто така, ја разгледа и ја усвои Информацијата за склучување на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и го прифати усогласениот текст на Договорот. Овој Договор исто така ги опфаќа сите шест земји од регионот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во рамки на Берлинскиот процес. Договорот претставува голем успех во изнаоѓањето заеднички, практични и транспарентни решенија за подобрување на праксите за признавање на високото образование, преку воспоставување стандард и постапки за признавање на високообразовните квалификации, а воедно е во согласност со Лисабонската Конвенција за признавање на квалификации, коишто се однесуваат на високото образование во европскиот простор. Исто така, благодарение на Берлинскиот процес, со овој Договор ќе се промовира академската мобилност, како и соработката во поглед на правични и транспарентни постапки за признавање и обезбедување академски интегритет во високото образование во Западен Балкан. Со Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, високото образование се препознава како јавно добро и јавна одговорност и се подига свесноста за потребата да се поддржат и заштитат принципите на академската слобода и автономијата на високообразовните институции. Исто така овој Договор овозможува да се промовираат и прошират основите за соработка во Западен Балкан, да се развие соработката помеѓу високообразовните и истражувачките институции и да се промовира академската мобилност. Со признавањето на квалификациите кои се однесуваат на високото образование ќе се олесни меѓузависното учење и развојот на знаењето преку мобилност на студентите, професорите, истражувачите и стручните лица. Како и со претходните два договори, со овој Договор исто така се има предвид Декларацијата на лидерите од Западен Балкан за заедничкиот регионален пазар, како катализатор за подлабока регионална економска интеграција кон единствениот пазар на Европската Унија, донесена на Самитот на лидерите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, реализиран во Софија на 10 ноември 2020 година.

Владата, на денешната седница ја разгледа Информацијата од Министерството за економија, во врска со изготвената анализа за можноста за продолжување на примената на летното сметање на времето и согласно сите анализи е заклучено дека ќе се пристапи кон примена на зимското сметање на времето, како што се практикуваше и досега.

Министерство за економија информираше дека проценката е направена во соработка со Министерство за финансии, Министерство за внатрешни работи, Министерство за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, Агенција за електронски комуникации, Биро за метрологија, Стопанска комора на Северна Македонија, Управа за хидрометеоролошки работи, Стопанска комора на северозападна Македонија и Економскиот факултет – Скопје.

Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 – 3,5 проценти за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија.

На владината седница се донесени три одлуки на предлог на Министерството за одбрана: одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата TALOS 22, во Република Грција; одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата Balkan Shield 22, исто така во Република Грција, а разгледана и усвоена е и информација, со одлука за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија, заради учество на обука во блиска воздушна поддршка со воздухоплови на вооружените сили на САД на Армискиот полигон Криволак.