„Мојот дедо Ордан Михајлоски-Оцка е автор на првата партизанска репортажа во Македонија. Тоа е опис на настан случен на 8 ноември 1941 година во село Царевиќ, прилепско, веднаш по ослободувањето на селото. Партизаните влегле во селото и по ослободувањето направиле митинг, за што Оцка пишува и тој текст е објавен во илегалниот весник ‘Народен глас’“ изјави Александар Трајковски, потомок на Оцка во емисијата на Васко Ефтов.
Тој додава дека во текстот се опишува настанот и на крајот се наведува дека сите селани и партизаните „грмнале“ со песната.
„Во текстот стои стихот ‘денешните тирани’, таму стои дека така е испеана песната. Тој текст е пишуван веднаш по настанот, по примерната изведба на композицијата. Значи оригиналот е ‘денешните тирани’“ вели Трајковски.
Тој исто така додава дека и остатокот од текстот на оригиналот со текот на времето е променет, бидејќи во првичната верзија се пеело за „бој“, што подоцна стана „борба“.