Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во Собранието, ги претстави приоритетите на претседавањето на Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2023 година.
На работен состанок со Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на ОБСЕ, Османи ги презентира рамковните приоритети, како и предизвиците кои се очекуваат при нивната имплементација, со оглед на сложените политички и безбедносни прилики со кои се соочува регионот на Организацијата.
„Мали држави ретко добиваат ваква шанса да се покажат на голема сцена. Ова е голема шанса за Република Северна Македонија во период кога регионот на ОБСЕ се соочува со една од најголемите безбедносни закани. Ова е проект од државно значење и претставува признание на нашите реформски напори дома и на нашата проактивна надворешна политика, како веродостоен и одговорен чинител во регионот и пошироко. Тоа беше потврдено на Министерскиот совет во Тирана во 2020, кога консензуално, со поддршка на сите земји учеснички ни беше доверен мандатот да бидеме на чело на Организацијата во 2023“, рече Османи.
Министерот за надворешни работи рече дека приоритетна цел на МКД ОБСЕ 2023 е да придонесе кон напорите и процесите за мир, стабилност и соработка во регионот на ОБСЕ врз основа на принципите и вредностите на Организацијата, сериозно загрозени со воената агресија во Украина. Целта на претседавањето, како што нагласи, е да иницира процеси кои ќе бидат фокусирани врз луѓето, граѓаните на земјите учеснички, особено оние на кои им треба помош и поддршка. Најголем дел од приоритетите, рече Османи, се поврзани со широки, традиционални теми што се провлекуваат низ агендата на ОБСЕ низ годините и сите имаат своевидна поврзаност со безбедноста согласно профилот на Организацијата.
Шефот на Делегацијата на Собранието во ПС на ОБСЕ, пратеникот Игор Јанушев, рече дека претседавањето со ОБСЕ е несомнено многу сериозен ангажман, чие успешно спроведување претставува заеднички интерес.
И ние како Собрание, нагласи Јанушев, имаме обврски за време на нашето претседавање со ОБСЕ. Тој додаде дека, непосредно пред одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во декември, Собранието има обврска да го организира состанокот на Бирото на ПС на ОБСЕ
„Постои плодна соработка меѓу нашиот парламент и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со цел зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога, како и промовирањњто на родовата активност“, рече Јанушев.