24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски за ВОА: Погрешно е тоа што ВМРО-ДПМНЕ се противи на членството во ЕУ и стратешките интереси на државата

Апсолутно погрешно е тоа што ВМРО-ДПМНЕ се противи на членството во ЕУ и стратешките интереси на државата, порача во интервју за сервисот Гласот на Америка, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Претседателот Ковачевски изрази загриженост за неодговорното однесување на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ која заедно со политичката партија Левица се обидува да го запре процесот на евроинтеграциите.

„Мене ме загрижува и однесувањето на ВМРО – ДПМНЕ коешто секогаш се противи на стратешките интереси на државата. Тие беа против преспанскиот договор и зачленувањето во НАТО, сега беа против предлогот во однос на преговарачката рамка и отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Подоцна, за да можат да се затскријат зад македонските граѓани што впрочем и секогаш го правеле, започнаа една противуставна иницијатива за референдумско изјаснување и исто така ја поддржуваат иницијативата која што Левица сака да ја промовира, а која се однесува исклучиво кон стопирање на патот на државата во ЕУ.

Сметам дека тоа е апсолутно погрешно и спротивно на стратешките интереси на државата и на она што граѓаните пред 31 година го одлучиле со создавањето на своја суверена и независна држава која еден ден ќе стане земја членка и на НАТО и во ЕУ. Веќе сме членка на НАТО. Значењето на тоа членство се гледа сега кога се води војна во Украина по инвазијата на Русија врз независна и суверена држава. Конечно ги отпочнавме преговорите со ЕУ, што значи остварување на стратешки цели кои што државата ги има поставено пред 30 години.“ порача претседателот Ковачевски.

Ковачевски оцени дека државата влегува подготвена во процесот на преговори и дека со ангажирање на сите капацитети, реално можно е тој прцес да заврши веќе во 2030 година.

„Имавме период од 17 години кандидатски статус. Владата на СДСМ со коалиционите партнери работеше изминатите 5 години за усогласување на законодавството со она во ЕУ. Во моментов имаме 45% усогласено законодавство со ЕУ. Веќе имаме направено преговарачка структура која беше официјализирана од Владата, имаме назначено главен преговарач. Вклучени се во преговорите и академската заедница и невладиниот сектор. Сметам дека е реално за 14 месеци да заврши скрининг процесот и да почне отворањето на поглавјата. До 2030-та, согласно темпото со кое се работи, сметам дека е реално Северна Македонија да стане членка на ЕУ.“ заклучи Ковачевски.