По веста дека виршлите увезени во Македонија од Италија се повлекуваат од продажба поради можност за зараза со листерија, многумина се интересираат како се лекува оваа бактерија и кои се симптомите кои можат да се појават.
L monocytogenes е мал бакцил кој расте во аеробни или условно анаеробни услови. За разлика од другите бактерии, листеријата подобро се развива на ниски температури. Методот на грам бактериолог го покажува како позитивен и може да наликува на дифтероиди, стрептококи или ентерококи.
Листеријата е многу распространета во природата, особено во гниењето на почвата и растенијата. Листериозата најмногу ги погодува животните кои живеат во стада, како што се овците и говедата, потоа свињите, живината и други.Луѓето најчесто се разболуваат поради внесување на недоволно термички обработена храна која потекнува од болни животни или е загадена со нивниот измет (млеко , млечни и месни сувомесни производи, риба, живина и говедско месо, зеленчук). Болеста е претежно спорадична, иако се можни и помали цревни епидемии. Преносот од човек на човек не е докажан, иако присуството на бактерии во столицата е откриено кај приближно 5 проценти од луѓето.
Како се манифестира листериозата?
Листериозата најчесто е предизвикана од јадење загадена храна. Периодот на инкубација трае од 2 до 6 недели.
Инфекцијата со листерија се манифестира како менингитис или менингоенцефалитис, ромбенцефалитис или мозочен апсцес. Листерскиот менингитис и менингоенцефалитисот може да имаат субакутен почеток, сличен на туберкулозен менингитис. Вкочанетоста на вратот е отсутен кај 15-20% од пациентите, а може да се појават неволни движења како што се атаксија, тремор и миоклонус. Во цереброспиналната течност има мононуклеарни леукоцити, додека вредностите на шеќерот се нормални. Листерскиот ромбенцефалитис се карактеризира со бифазен тек на болеста. Првата фаза се карактеризира со главоболка, треска и повраќање. По неколку дена, невролошките знаци се појавуваат наеднаш во форма на асиметрично оштетување на кранијалните нерви, знаци на церебелитис и хемипареза (одземање на едната страна од телото), што може да биде придружено и со сензорни нарушувања. Кај приближно половина од овие пациенти, се јавува респираторна инсуфициенција.
Како се лекува листериозата?
Во третманот на листериоза, најважна е употребата на ампицилин. Овој лек може да се комбинира со гентамицин.
Антибиотиците се даваат интравенски, а количината на лекот и должината на третманот зависат од локализацијата на болеста и состојбата на системот.
Пациентите со менингитис и бактериемија кои не се имуносупримирани треба да се лекуваат 2-3 недели. Имуносупримирани пациенти со бактериемија, ромбенцефалитис и ендокардитис мора да се лекуваат 4-6 недели.